МИА Општински пул
- 17 декември 2024
17 декември 2024
Росоман - Починат маж во автомобил во Црна Река бил пронајден вчера во Росоман, телото било дадено на обдукција, информираа денеска од СВР Велес.
- Вчера во 07.15 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека во речното корито на Црна река во Росоман било пронајдено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, а на возачкото седиште бил пронајден починат С.К.(63) од Скопје. Од екипа на Територијална противпожарна единица Кавадарци возилото било извлечено, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, соопштија од СВР Велес.
Увид извршил јавен обвинител од Кавадарци во содејство со увидна екипа од ОВР Кавадарци. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
Крива Паланка - Рачно изработени новогодишни декорации, украси и плетени декорации креирани од корисниците од Дневен центар за престој на стари лица со активно стареење при Црвен Крст Крива Паланка, денес и утре ќе бидат изложени на штандот пред центарот на "Новогодишен базар".
Изработките се продаваат по симболична сума, а средствата ќе бидат наменети за новогодишни пакетчиња за децата од руралните средини.
-Нашите корисници редовно имаат креативни работилници на кои активно го минуваат времето во дневниот центар. На последните наменски,тематско- новогодишни работилници беа изработени прекрасни декорации кои се изложени на базарот и граѓаните ќе можат да ги понесат во своите домови по симболична сума, а истовремено ќе можат да донираат пари и во поставените касички, додека сите собрани средства ќе бидат наменети за обезбедување новогодишни пакетчиња за децата од руралните средини. Од највозрасните жители со придонес за најмладите, правиме добри дела во духот на солидарноста и мисијата на Црвениот крст, информираат од Општинската организација на Црвен Крст Крива Паланка.
Велес - Во рамки на свеченоста по повод Денот на Општина Градско - 16 Декември, синоќа во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ во Градско прв мини концерт имаше триото „Џентлмен“ од Скопје. Тие ја воодушевија присутната публика со својата оперска изведба на познати македонски евергрини и хитови и староградски македонски песни меѓу кои „Се посврши Сербез Донка“,„Јовано, Јованке“, а завршија со велешката песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“. Изнудија долг и силен аплауз од публиката.
Трио „Џентлмен“ е формирано во 2015 година и е составено од членовите Дејан Стоев тенор, Кристијан Антовски баритон и Јане Дунимаглоски тенор. Потенцираат дека од реакциите на публиката, силниот и долг аплауз се многу задоволни и од својот прв настап во Општина Градско.
-Песните ги прилагодуваме и аранжираме според нашето трио. Ова е специфично трио составено од акедемски едуцирани оперски басови и сета музика е направена на нашите гласови. Ние ги бираме песните на тој начин да има певливи репертоари, да има долги линии да ги преаранжираме и да одговараат на нашата изведба, појаснува Стоев.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во интервјуто за Капитал вели дека сака четиригодишниот мандат да го заокружи со реконструкција на спортската сала „Работнички“ во градскиот парк.
„Би сакал мандатот да го заокружам со реконструкција на спортската сала „Работнички“ во градскиот парк. И салата и клубот се белег на градот и Македонија. Мал, но многу важен и емотивен дел во она што значи колективно сеќавање на секој македонски граѓанин. Уверен сум дека ќе успеам во тоа. Од големите проекти кои се во почетна фаза ќе ја издвојам новата општинска зграда, за која распишавме конкурс за идејно решение, но и хортикултурното и партерно уредување во населба Капиштец, проект за кој од претходната влада добивме буџетска поддршка од 25 милиони денари“, потенцираше Герасимовски.
Герасимовски информираше дека Општина Центар е пионер во еколошка трансформација на локално ниво.
Делчево - Дел од Членовите на Младинска Банка Делчево остварија средба со градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски. На средбата тие му доставија барање за обезбедување просторија за отворање на Младински Центар.
-Иницијативата произлезе од младите, а е во согласност со Законот за младинско учество и младински политики според кој освен Локален Младински Совет, службеник за млади и младинска канцеларија треба секоја општина, а треба истотака да отвори и Младински Центар како катче во кој младите од градот ќе имплементираат иницијативи од нивен интерес. Неговата работа и финансирањето согласно законот, доаѓа од општинскиот буџет, но и од надворешни донатори, истакнаа од Младинска Банка.
Првиот човек на општината Горан Трајковски даде позитивен одговор и ја презентираше просторијата која откако ке се опреми ќе биде ставена во функција.
Тетово - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами одржа средба со претставници на Координативниот совет на дијаспората со цел остварување на соработката.
Тој најави реализирање на проекти насочени кон зајакнување на врските со дијаспората и промовирање на инвестициите во Општина Тетово.
-Посебно сум среќен што денес не посетија важни луѓе од албанската дијаспора, од Координативниот совет на дијаспората. Во рамките на овој совет се битни членови на албанската дијаспора секаде во светот, од САД, Канада, Велика Британија, Франција, од сите европски држави и од регионот. Се работи за институција која придонесува во делот на соработката на Албанците секаде во светот. Со нив разговаравме за конкретни проекти со кои може да соработуваме во иднина. Посебна благодарност до еден важен член на нашето општество, еден важен граѓанин Лазим Дестани. Во иднина заедно со него и заедно со советот ќе работиме, ќе соработуваме за да реализираме проекти во интерес на сите граѓани во Тетово, рече Касами.
Куманово - Кумановската полиција изврши претрес во продажен објект во населбата Карпош и пронајде 5 500 парчиња пиротехнички средства.
-Вчера во 17:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.С.(54) од Куманово. При контрола во неговиот продажен објект во населба Карпош во Куманово и при претрес во неговиот магацин, извршен со судска наредба, биле пронајдени околу 5 500 парчиња пиротехнички средства, соопшти полицијата.
С.С. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Дебар - Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град и мрежата за промоција на јазичната различност од Брисел, организираат научна конференција на тема: „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
Научнaта конференција ќе се одржи на 19 декември (четврток), со почеток во 10:30 часот, во просториите на библиотеката „Битолски конгрес“ при Педагошкиот факултет во Корча.
-На конференцијата со свои излагања ќе учествуваат универзитетски професори и научници од Корча, Тирана и Македонија, како и активисти од македонската заедница во Албанија. Во рамките на настанот ќе биде поставена изложба на фотографии и документи кои го отсликуваат образованието на македонски јазик во Албанија, како и книги на македонски јазик напишани од Македонци во Албанија, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на Македонското друштво „Сонце“.
Штип – Фудбалскиот репрезентативец, Бојан Миовски е носител на Орденот „Свети Никола“, кој веќе 13 години по ред Општина Штип го доделува по повод чествувањето на 19 декември празникот „Свети Никола“, патронен празник на градот Штип и на Брегалничката епархија. Кирил Панајотов вработен во Општина Штип на денешната прес-конференција рече дека годинава ќе се доделат и четири признанија „Свети Никола“.
- „КТМ енерџи солушн“ Друштво со ограничена одговорност, како општествено одговорна компанија, потоа доктор Александар Митевски-хирург, Териоријалната Противпожарна единица-Штип и Одбојкарскиот клуб УГД-Штип, вели Панајотов.
Чествувањето на празникот „Свети Никола“ почнува од утревечер, со вечерна богослужба, а во 18 часот на Свечена Академија во соборниот храм „Свети Никола“ ќе се доделат Орденот и Признанијата „Свети Никола“. Чествувањето на празникот „Свети Никола“ продолжува на 19 декември со Света архиерејска литургија, Литија до новото шеталиште „Ванчо Прќе“, каде што ќе има кршење на празничниот колач.
Струга - Членовите на драмското студио „Миладин“ од Струга в сабота премиерно ќе ја изведат детската претставата „Принцезите против вештерките во одбрана на Дедо Мраз".
Режисер на претставата е Ристе Миладинов, кој за МИА посочи дека на барање на публиката се одлучиле да подготват еуфорична предновогодишна бајка.
- Новогодишни претстави речиси и да нема во Струга, а публиката ги сака, па затоа се одлучивме за нешто весело, еуфорично, каде главниот лик го има Дедо Мраз, истакна Миладинов.
Насловот на претствата, открива, ја раскажува целата приказна.
Штип - Амбуланта за васкуларна хирургија од денеска официјално е отворена во Клиничка болница-Штип. Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев денеска изјави дека во текот на вчерашниот ден е потпишан договорот со Универзитетската клиника за Тораковасуларна хирургија и Клиничка болница, со што доктор специјалист по васкуларна хирургија ќе врши прегледи во штипската болница. Пациентите ќе имаат можност да закажуваат термини преку „Мој термин“ и соодветно да бидат прегледани од васкуларниот хирург, Мишел Андов.
-Вчера и официјално беше завршен договорот меѓу Универзитетската клиника Тораковаскуларна хирургија и Клиничка болница Штип. Доктори од таму ќе доаѓаат и ќе вршат преледи во прв чекор и во Кличничка болница- Штип. На „Мој термин“ ќе се отвори и амбуланта и ќе има термини за прегледи од васкуларен хирург. Колку пати месечно ќе доаѓа и колку долго дополнително ќе биде договорено, вели Захариев.
Претходно, како што додаде, сите пациенти кои имаа проблеми со запушени вени и слично беа праќани за Скопје, бидејќи во Клиничка болница Штип, немаше васкуларен хирург.
Куманово - Во организација на Здружението на просветни работници, денеска во Занаетчиски дом, Куманово, се одржа семинар и интерактивна работилница за споделување на добри практики и искуства, од неодамна одржаната седмата - Регионална наставничка конференција во Велика Горица, Република Хрватска.
Околу 80 наставници присуствуваа на денешниот настан кој има за цел да ги неформално да ги едуцира на тема „Обединети во различностите“.
Со цел да се разменат добри практики и да се споделат интерактивни активности применливи во различни предмети за толеранција, разбирање, мултикултурализам и инклузија од конференцијата, Здружението на просветни работници организира бесплатен семинар и интерактивна работилница за наставници од основните и средните училишта во општина Куманово „Обединети во различностите“. Бесплатните обуки се клучни за нас како просветни работници за нашиот професионален развој и со стекнатите знаења верувам дека ќе им помогне во наставните знаења, изјави претседателката на Здружението, Анита Димовска.
Дебар – Општина Дебар почна со чистење од надојден материјал, на каскадите на косоврашкото дере (дол) во селото Долно Косоврасти, со цел да се осигури правилен проток и да се избегнат несакани состојби, присутни во изминатиот период.
-Долно Косоврасти неколку години беше загрозено од ерозивниот материјал кој пристигнува од планинскиот дел по обилни дождови. Како локална власт секогаш ги преземавме сите мерки за чистење на материјалот што го носеа надојдените води и се излеваа на патот од Долно Косоврасти кон бањскиот локалитет а беа опасност и по околните објекти, изјави за МИА, градоначалникот Хекуран Дука.
По увидот на работите, Дука, искажа задоволство од нивниот тек иако, според него, станува збор за тежок и обемен зафат, но нагласува дека задоволството е уште поголемо поради фактот што ќе биде надминат овој проблем за најмалку пет години а се тоа во интерес на жителите на ова село.
Битола - „За паметен, зелен и инклузивен Пелагониски регион“ се залагаат членовите на Советот за развој на пелагонискиот плански регион и тоа е во фокусот на општините кои го одбележаа денот на регионален развој.
Според Даме Димитровски, универзитетски професор на машински факултет во Скопје, на пелагониските општини им престои голем проект врзан со воспоставување на систем за управување со отпад кој нема да влијае врз животната средина.
-Еден од поголемите проекти со кој што ќе се сретне овој регион е постапувањето со отпадот и ние се надеваме дека во следните 4 до 5 години ќе се воспостави систем за управување со отпад по европски терк каде што ќе има предселекција, селекција на секундарен отпад, произведување на гориво од отпадот и тоа ќе се случува во еден затворен систем без да се влијае на животната средина, нагласи професорот Димитровски затоа што како што рече тоа е од интерес на пелагонискиот регион богат со земјоделие и со енергетска инфраструктура.
Кавадарци - Во Кавадарци се врши реконструкција и доградба на улично осветлување, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
- Во рамките на проектот „Реконструкција и доградба на постоечката надземна мрежа за улично осветлување’’ се одвиваат градежни активности за поставување на ново улично осветлување на потегот село Ваташа – Моклиште, каде ќе бидат поставени 53 канделабри со прекин во должина од 1650 метри, и тоа (Ваташа – 12 Ваташки младинци, 43 канделабри и од Вила Бела кон Витачево 10 канделабри). Лед светилки со моќност од 43 W кои претходно ќе се демонтираат од други локации во градот. Столбовите се со висина од 8 метри, појаснија од кабинетот на Јанчев.
Оттаму додадоа дека се работи за дел од тендерот од 65 милиони денари.