• вторник, 17 декември 2024
МИА Радио флеш

17 декември 2024

Скопје - Делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши од денеска до 19 декември ќе престојува во работна посета на Париз. Како што информира собраниската прес-служба, посетата примарно се организира заради динамизирање на билатералната соработка на сите нивоа, како и за продолжување на тековната парламентарна соработка во доменот на прашања поврзани со евроинтегратискиот процес на Република Северна Македонија и улогата на Собранието во тој процес.

Во рамки на посетата, предвидени се средби со претседателката на Националното собрание, Јaел Брон Пиве, со претседателот на Комисијата за надворешни работи, Бруно Фукс, со претседателот на Сенатот, Жерар Ларше, со претседателката на Групата за пријателство Франција - Западен Балкан, Марта де Сидрак и потпретседателот Арно Базен, како и со високи владини претставници на Француската Република.

Скопје - Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), асоцијација која ги обединува шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, денеска во Скопје ќе ја одржи 33-та седница, на која домаќин ќе биде потпретседателот на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески.

На седницата, како што соопштија од Стопанска комора на Северна Македонија, лидерите на коморите од регионот ќе дискутираат за клучните приоритети во активностите на Коморскиот инвестициски форум во 2025 година, имајќи го во вид отпочнувањето на примената на новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар, во кој КИФ е активно вклучен во структурата на управување со процесот во однос на имплементацијата и надгледувањето на мерките предводени од приватниот сектор.

Франкфурт - Во Археолошкиот музеј во Франкфурт вечерва ќе биде отворена нашата изложба насловена „Темната страна на Римската историја“. Изложбата е приказ на масовната гробница откриена во Скупи, еден од најважните римски градови на Балканот.

Како што јави известувачот за МИА од Франкфурт, изложбата беше подготвена од страна на покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот на Скупи.

Скопје - Меморандум за соработка на Граѓанската коалиција за борба против злоупотреба на урбано зеленило, ќе биде потпишан денеска во 13 часот во Кино Кисела Вода, во истоимената скопска општина.

Претставници на граѓански организации, институции, експерти и граѓани, како што се посочува, ќе се здружат за да може поефикасно да се води борбата против корупцијата во урбанистичкото планирање и градење, поради која неповратно се уништува урбаното зеленило, за сметка на интензивна и нехумана урбанизација и бетонизација на просторот.

Скопје - „Заштита од корупција:Перспективи и решенија на локално ниво“ е насловена конференцијата што денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Центарот за граѓански комуникации. 

Целта на конференцијата е да се претстават резултатите од спроведените активности во рамки на проектот „Заштита од корупција“ во периодот 2021-2024 година и да се иницира дискусија за преспективите и решенијата што треба да доведат кон натамошно динамизирање на борбата против корупцијата.

Белград - Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп најави дека Холандија ќе го блокира следниот чекор на патот на Србија кон членство во Европската унија, наведувајќи ја загриженоста за нејзината подготвеност за следната фаза од пристапниот процес, пренесоа српските медиуми.

„Гледаме дека нема доволно напредок во областа на владеењето на правото во Србија, гледаме недоволен напредок во односите меѓу Белград и Приштина, каде Србија има јасна одговорност, а исто така гледаме дека Србија се уште ја нема доволно усогласено својата надворешна политика со надворешната политика на Европската унија“, изјави Велдкамп по средбата со своите колеги во Брисел, јавија холандски медиуми.

Белград - Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ постигнаа договор да испратат писмо до Србија за отворање на Кластерот 3, што е прв чекор во таа процедура, јави РТС повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

Таквата одлука е донесена како дел од поширокиот договор за усвојување заклучоци за политиката на проширување, што беше постигнат  синоќа на средбата на амбасадорите, пренесе Бета.

Брисел - Заклучоците за процесот на проширување на Европската Унија, подготовките за Самитот на ЕУ закажан за в четврток, програмата за работа на Европската комисија и патоказите за Европскиот семестар за 2025 година, како и односите на блокот со Велика Британија и Швајцарија, ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК). 

На маргините на заседанието претпладнево ќе се одржи Третата меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија. Во предвечерјето на ГАК, синоќа, пак се одржа 17-тата Меѓувладина конференција ЕУ-Црна Гора.

Брисел - Иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа уште еднаш ја потврдуваме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата, се наведува во Предлог-завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи утре во Брисел и на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.  

- Како што е наведено во Декларацијата од Гранада, проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува во предлог-текстот во кој МИА имаше увид.

Брисел - Амбасадорите на државите членки на ЕУ постигнаа доцна синоќа договор за заклучоците на Советот на ЕУ.

„Амбасадорите штотуку ги одобрија заклучоците на Советот за проширувањето. Голем успех што ќе даде силен поттик за проширувањето на Западен Балкан и пошироко во наредните години“. Тоа го наведоа од унгарското претседателство со ЕУ во објава на Х.
Заклучоците треба да добијат формално одобрение од министрите.

Брисел - Унгарија и Словачка ја блокираат Европската унија да воведе санкции против Грузија, јави ДПА.

Унгарскиот министер Петер Сијарто го оправда потегот со тврдењето дека ЕУ е на страната на демонстрантите кои протестираат против резултатите од парламентарните избори во октомври и последователната одлука на владејачката партија Грузиски сон да ги замрзне пристапните преговори со блокот за најмалку четири години.

Москва - Началникот на руските трупи за радијациска, хемиска и биолошка заштита, генерал-потполковник Игор Кирилов е меѓу загинатите во експлозијата што се случи рано денеска во Москва. Покрај него животот го загуби и неговиот помошник. Причина за експлозијата е активирање на експлозивна направа поставена во електричен скутер, соопшти Истражниот комитет на Русија.

„Според истрагата, утринава на Рјазански проспект во Москва, активирана е експлозивна направа поставена во електричен скутер оставен на влезот во станбена зграда. Во експлозијата загина началникот на трупите за радијација, хемиска и биолошка заштита на руските оружени сили Игор Кирилов и негов помошник“, изјави портпаролот на Истражниот комитет.

Лондон - Лидерот на исламистичката коалиција што ја презеде власта во Сирија, Абу Мухамед ал-Џавлани, во интервју за Тајмс изјави дека нема да дозволи земјата да се користи како база за напади врз Израел или други земји.

Сепак, тој го предупреди Израел да ги прекине воздушните напади врз Сирија и да ги повлече војниците што ги распореди од територијата на земјата по падот на режимот на Башар Асад.

Вашингтон - Тинејџерка застрела две лица во приватно христијанско училиште во САД, а потоа се самоуби, јавија американските медиуми.

Нападот во северниот дел на Висконсин вчера бил извршен од 15-годишно девојче. Засега нема информации за нејзините мотиви, соопшти полицијата. Девојката со пиштол застрелала наставник и ученик и повредила шест лица пред да се убие. Двајца од повредените ученици се во критична состојба. Претходно беше пријавено дека загинале четири лица, меѓу кои и напаѓачот.

Вашингтопн - Белата куќа објави дека мистериозните беспилотни летала што предизвикаа паника во делови од САД летале легално, откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп посочи дека имало прикривање за тие појави од владата. Трамп рече дека американската влада „знае што се случува“.

Администрацијата на претседателот во заминување Џо Бајден се соочи со зголемени критики за нејасно идентификување на потеклото на леталата, но синоќа отфрли каков било предлог за прикривање.

Велингтон - Земјотрес со интензитет од 7,4 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во близина на Вануату. Направена е голема материјална штета, вклучително и на објект во главниот град Порт Вила, во кој се наоѓа американската Амбасада, заедно со оние на Британија, Франција и Нов Зеланд. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат искривени прозорци и оштетени бетонски столбови.

Очевидци укажуваат и за жртви во Порт Вила.

Брисел - Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави вчера во Брисел дека Србија наскоро би можела да постигне напредок во преговорите за пристапување во ЕУ, имајќи ги предвид некои позитивни оценки на Европската комисија и фактот дека усогласувањето со надворешната политика на ЕУ е нешто подобро од претходно, јавија српските медиуми.

„Србија не е целосно усогласена, но има напредок, особено во однос на Украина. Србија беше многу силен поддржувач на Украина, на дипломатска, хуманитарна и воена основа и е многу важен сојузник во борбата на украинскиот народ за праведен и траен мир“, изјави Кошта пред медиумите во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 18 декември во Брисел.

Белград - Единаесетгодишно момче е пронајдено од полицијата откако претходно поради негово исчезнување бил активиран системот „Пронајди ме“, соопшти полицијата. 

Момче синоќа после часови  не се вратило дома од училиштето „Бранко Радичевиќ“ во Нов Белград. Веднаш по пријавувањето на исчезнувањето, полицијата го активирала системот „Пронајди ме“, а граѓаните во текот на целата ноќ добивале пораки на мобилните телефони со известување за исчезнувањето на момчето, пренесе Бета.

Загреб -  Кандидатите за претседател на Хрватска се се постари - осуммина од нив кои учествуваат на изборите на 29 декември се највозрасните во изминатите три изборни циклуси, нивната просечна возраст е речиси 54 и пол години, осум повеќе од пред десет години.

Ова го покажува статистиката што ја состави Државната изборна комисија (ДИК), според која просечната возраст на претседателските кандидати во 2014 година била 46,5 години, пет години подоцна речиси 48, а годинава 54,5 години, јавија хрватските медиуми.

Брисел - Во Брисел денеска на ниво на главни преговарачи ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина.

Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, на средбата ќе се разговара за повеќе прашања, меѓу кои и спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација на односите, јавија српските медиуми. 

Киев - Украинскиот премиер Денис Шмигал објави дека договорот за транзит на руски гас преку Украина нема да биде продолжен по крајот на годината.

По разговорот со словачкиот премиер Роберт Фицо, Шмихал на Телеграм напиша дека Украина е подготвена да разговара за транзит на гас од која било земја освен Русија.

Сеул -  Јужна Кореја воведе санкции против 11 физички и 15 правнилица поради воената соработка со Русија и Северна Кореја и во врска со нуклеарната и ракетната програма на Пјонгјанг, соопшти Министерството за надворешни работи во Сеул.

Санкциите се воведени во врска со заедничката изјава на министерствата за надворешни работи на западните земји за воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја на 16 декември.
Властите во Сеул потврдија дека лицата и компаниите на списокот дале помош во финансирањето или снабдувањето со материјали за нуклеарната и ракетната програма на Пјонгјанг.

Москва - Началникот на руските трупи за радијациска, хемиска и биолошка заштита, генерал-потполковник Игор Кирилов е меѓу загинатите во експлозијата што се случи рано денеска во Москва. Покрај него животот го загуби и неговиот помошник. Причина за експлозијата е активирање на експлозивна направа поставена во електричен скутер, соопшти Истражниот комитет на Русија.

„Според истрагата, утринава на Рјазански проспект во Москва, активирана е експлозивна направа поставена во електричен скутер оставен на влезот во станбена зграда. Во експлозијата загина началникот на трупите за радијација, хемиска и биолошка заштита на руските оружени сили Игор Кирилов и негов помошник“, изјави портпаролот на Истражниот комитет.

Aнкара - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Анкара ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавија турските медиуми.

Ситуацијата во Сирија се очекува да биде главното прашање за кое ќе разговараат. Разговорите ќе се фокусираат на напорите за зачувување на националното единство на Сирија и заштита на малцинствата по падот на поранешниот претседател Башар Асад, напиша фон дер Лајен на својот профил на социјалните мрежи X.

 

Остани поврзан