МИА Општински пул
- МИА Општински пул
10 декември 2024
Кочани – Основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „Никола Карев“ и средното електромашинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани денеска добија роботска техника што ќе ја олесни обуката на ученичките тимови за учество во Првата лего лига по роботика.
Опремата е дел од донаторската акција што ќе се реализира во 13 училишта во државата, а ја спроведува Академијата за роботика и иновации - Македонија со поддршка од компанијата Bechtel Corporate.
- Горди сме што оваа иницијатива ќе придонесе учениците да имаат соодветен пристап до обуката по роботика. Еден од најголемите предизвици со кои се соочува современиот свет е да се обезбедат што повеќе инженери и стручни лица за научна работа меѓу младите генерации. Се надевам дека со оваа опрема и со учеството во Лего лигата ќе ги инспирираме учениците и ќе им дадеме можност да се вклучат во потребите за инженерски персонал, истакна истакна Џорџ Бејкер, претставник од компанијата Bechtel Corporate.
Од Академијата за роботика и иновации очекуваат со донирањето роботска опрема во образовните институции да се зголеми бројот на училишните тимови и квалитетот на учесниците на натпреварите на домашно и меѓународно ниво.
- Се работи за опрема од последната генерација на Lego education програмите, со што еден сон што го имавме на почетокот веќе станува реалност. Ќе можеме да вклучиме што повеќе тимови од формалното образование во Првата лего лига, а донаторската акција ја почнуваме токму од Кочани, каде што пред седум години со донацијата од Ротари клубот Кочани – Виница почна целата успешна приказна во роботиката. Благодарни сме на луѓето од компанијата Bechtel Corporate која за разлика од другите кај кои ние бараме, сама покажа инцијатива да им помогне на нашите ученици, истакна Гордан Анастасов, од Академијата за роботика и иновации.
Македонските тимови годинава ќе учествуваат во седмата сезона од Првата лего лига, во која на минатогодишниот државен натпревар во Штип првото место го освои тимот MAKBot Pioneers од СОУ „Гошо Викентиев“ - Кочани.
Прилеп - Откупната компанија „Пашоски“, една од 10-те кои го купуваат тутунот во земјава, ја зголеми цената на тутунот на 400 денари. Од Сојузот на тутунските здруженија очекуваат овој пример да го следат другите откупувачи.
Конретно, со анекс на договорот, доставен до Сојузот компанијата соопштува дека првата класа откупен тутун се зголемува од 375 на 400 денари, а тутунот годинава се откупува, главно во прва класа.
-Нашите настојувања, во соработка со министерството за земјоделство преку средби со откупувачите, почќнуваат да вродуваат плод. Така, првата компанија која ја зголеми цената на првата класа тутун на 400 денари, е компанијата „Пашоски“ која денеска нѐ информираше за зголемувањето на цената, со тоа што ќе им биде доплатено на тутунарите кои досега го предале тутунот, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот за тутунски здруженија.
Тутунарите, а со нив и Сојузот нема да се откажат од барањето за повисока цена.
-Очекуваме овој пример да го следат другите откупувачи за зголемување на цената. Тоа ќе биде мотив повеќе за производителите и за производство и за интензивирање на откупот, рече Ристески.
Инаку, досега се откупени преку 3 700 тони тутун по просечна цена од 374,71 денар.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 02.12. до 08.12.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 163 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.ЈП ПОЦ и Општина Центар, како што стои во соопштението, континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Скопје - Без вода денеска од 13 часот се дел од корисниците лоцирани на улицата „Филип Филиповиќ“ во Општина Гази Баба.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, прекинот е поради дефект на приклучна цевка на улицата „Филип Филиповиќ“ бр 4.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на интервенцијата.
Скопје - „Остануваме прва и единствена општина во Македонија која обезбедува пелени и хигиенски средства за децата во градинките. Целосно ги покриваме потребите на секое дете, а родителите се ослободени од дополнителни трошоци. Продолжуваме да инвестираме во квалитетно образование, грижа и инфраструктура на градинките, за да создадеме сигурна и здрава средина за нашите најмлади”, порача градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски за време на посетата на ЈУДГ „Раде Јовчевски – Корчагин.
Герасимовски, во рамките на посетата, имаше можност да се запознае со тековните активности и програмите за подобрување на воспитно образовниот процес во градинката.
Директорката на градинката Елена Устамитова информираше за работата и потребите на градинката. Таа истакна дека, покрај реализирањето на бројни активности за децата – како што се учење странски јазици, компјутерска обука, ритмичко-спортска и културна програма, во континуитет се работи на подобрување на условите и воведување нови иновативни пристапи за развој на најмладите.
Устамитова порача дека секоја поддршка од општината е добредојдена во претшколските установи.
,,Пелените, влажните марамчиња, течните сапуни и средствата за дезинфекција не само што ги подобруваат хигиенските услови во градинката, туку претставуваат и значително олеснување за семејниот буџет на нашите корисници”, посочи директорката Устамитова.
За Герасимовски ова е пракса која би требало да ја следат и останатите општини.
„Во услови кога секој ден носи нови потешкотии, важноста на заедничката грижа за децата и семејствата никогаш не била поголема”, додаде Герасимовски.
Штип - Официјален почна да функционира Алијансата ACE2EU во којашто членува и Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски заедно со делегација од Универзитетот од вчера учествуваат на настанот на Алијансата, кој се одржува на Универзитетот „Франциско Де Виториа“, во Мадрид, Шпанија. Воедно се отвараат и првите Програми на кои може да аплицираат студентите, а со ова ќе се изедначи квалитетот на образованието во сите осум европски универзитети, а студентите ќе добијат и европски призната диплома.
-Оваа Европска aлијанса, во која влеговме заедно со уште осум uниверзитети, ни овозможува да воспоставиме и креираме заеднички дипломи, заеднички студиски програми, интензивни курсеви, летни и зимски школи, едноставно да направиме натпревари каде студентите ќе може да се докажат и соработуват со наставнички кадар и со кој ќе можат да се доусовршуваат и доквалификуваат и едноставно да посетат други земји во рамки на Алијансата, појаснува Ана Никодиновска, проректор на УГД –Штип за меѓународна соработка.
Во текот на своето студирање студентите од штипскиот Универзитет може да одберат програма во Германија, Австрија, Романија, Шпанија, Литванија и Летонија. Вакви можности за предвидени за 9.000студенти и професори од сите универзитети.
Универзитетската aлијанса е поддржана од Европската Комисија и за првите четири години се обезбедени околу 14 милиони евра.
Прилеп - Прилепската локална самоуправа категорично ги отфла обвинувањата на СДСМ од Прилеп дека градоначалникот и директорите на петте средни училишта го прекршиле законот со незаконски јавни набавки за превозот на учениците од населените места.
На денешната прес - конференција, локалната самоуправа ова го нарече ширење лаги и невистини.
-Најодговорно тврдиме дека јавната набавка за организиран превоз на учениците од населените места до средните училишта во општина Прилеп за 2023 година, е законски спроведена согласно со член 119 од Законот за јавни набавки и се запазени сите процедури. За оваа јавна набавка и за сите договори постои уредна документација во училиштата која може слободно да се провери. Потенцираме дека е апсолутно неточно тврдењето дека е зголемена цената на услугата и дека се исплаќани фактури без договор, изјави Христијан Тунески, портпарол на општина Прилеп.
Според Тунески, ова е начин да се прикрие претходното незаконско работење на сегашната претседателка на општинската организација на СДСМ од Прилеп, Петра Лукароска, која беше директорка на средното училиште „Ѓорче Петров“. Се бара од Јавното обвинителство да испита како се превезуваа учениците четири месеци од првото полугодие на учебната 2021/2022 година.
-Исто така, бараме од Јавното обвинителство да ги провери стенограмите од седницата на Советот на општина Прилеп каде двајца од тогашните директори на средните училишта поставени од СДСМ јавно изјавија дека учениците во првото полугодие од учебната 2021/2022 се превезувале без договор, односно со устен договор помеѓу нив и превозниците, изјави Тунески.
Општинската организација на СДСМ вчера обвини дека превозниците вршеле превоз на ученици без важечки договори, а за извршената услуга доставувале фактури кои директорите ги исплаќале без претходна спроведена јавна набавка. Во вчерашното соопштение СДСМ воедно, го повика Јавното обвинителство да реагира и да поднесе кривични пријави.
Кавадарци - Ќе се реставрира и става под заштита камената кула од втората половина на 17 век, најстарата сочувана градба во Кавадарци. Тогаш била најдоминантна во градот. Ова го потврди кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, одговарајќи на прашање од советникот во Советот на Општината, Горан Кузмановски.
Натка Китева, кустос историчарка во Музеј галеријата во Кавадарци, појаснува денеска за МИА дека станува збор за Маркова кула, што се наоѓа во најстарото градско јадро познато под името „Полана“, а таму денес се наоѓа и истоимениот мал парк. Позната е уште како Маркова или Турска кула и се наоѓа во Кулевското маало.
- Не е познато кој ја изградил, но со сигурност се знае дека имала одбранбен карактер како и останатите кули што се граделе во тој период. Средновековната кула под која започнало формирањето на градот е изградена од камен и малтер, а ѕидовите достигнуваат дебелина до 1 метар. По својата форма таа е со квадратна основа и е висока околу 20 метри, споделува Китева.
Кулата е на пет ката, а внатрешноста била изградена од квалитетно дабово дрво.
- Првиот и вториот кат се без прозорци, а на третиот има само еден тесен, мал прозорец. На четвртиот и петтиот кат има по три прозорци со железни решетки. На јужниот ѕид од четвртиот кат поставен е отвор за одбрана, а до прозорецот е нанесен симс од камен од каде е бранет пристапот во тврдината. Се раскажува дека оттука се фрлани камења, можело да се истура жешко масло и слично, подвлекува Китева.
На петтиот кат постои отвор што служел за одвод на нечиста вода. Единствен влез кулата имала на вториот кат, а пристапот до него бил направен со камени скали.