• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

19 ноември 2025 

Струга - Струшката полиција поднесе кривични пријави против пет лица поврзани со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески во Струга, соопшти денеска СВР Охрид.

Меѓу петмината е и поранешниот градоначалник на Струга Рамис Мерко, кој се товари за „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според информацијата, ОВР Струга поднело кривична пријава против Н.К.(53) од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”. Против В.Н.(62) од Охрид за „Несовесно работење на службата“ како и против Р.М.(68), Н.Н.(56) и Ѓ.Д.(59) сите од Струга, за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување”. 

- Првопријавениот, на 15 октомври годинава, како инвеститор на катарстарска парцела во Струга, спротивно на решението за издавање заштитно конзерваторски услови, со градежна механизација срушил стара струшка куќа и при правење ископ, ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен куќа-музеј на Владо Малески, која од 2017 година, претставува споменик заштитен како значајно културно наследство, појасни пoртпаролот Стефан Димоски. 

Струмица - Една мигрантка од Кина загина, а седуммина се повредени откако утрово околу 04:20 часот на патот Валандов-Дојран камион со српски регистарски ознаки излетал од коловозорт и се превртел.

Како што соопштија од СВР Струмица, во несреќата од здобиени повреди починала мигрантка од Кина, смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош, а телото на почината било предадено на обукција.

- Со повреди се здобиле уште седум лица-мигранти од Кина, кои без знаење на возачот влегле во приколката. Возачот С.М. е задржан во Јавната здравствена установа Гевгелија за укажување помош. Увид на местото на несреќата, во присуство на јавен обвинител, изврши екипа од ОВР Гевгелија, се наведува во полициското соопштение.

Куманово - Реката Пчиња се излеа од коритото кај селата Пелинце и Стрновац, информира Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Куманово.

Оттаму известуваат дека од општина Старо Нагоричане информирале дека на подрачјето на село Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и на локацијата кај бања Стрновац, реката Пчиња се има излеано од своето речно корито за околу 20 сантиметри.

-Во моментот, излевањето не зафаќа куќи или викендици. Дополнително, кај Коински мост е забележано насобирање на поголема количина дрвја, кое го отежнува нормалниот проток на реката Пчиња. За состојбата е навремено известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности, соопштија од ЦУК.

Два лица со автомобил заглавиле утрово во надојдената вода во село Стрновац во општина Старо Нагоричане поради излевањето на реката Пчиња и создавање на вирови, пожарникарите од општината ги извлекле.

Струмица - Врнежите од дожд полека ги полнат хидроакумулациите во Струмичко, од кои, заради сушниот период, во сезоната на наводнување имаше распоред за пуштање вода од по три дена за повеќе атари во регионот.

Според раководителот на Подружницата „Струмичко поле“ при АД „Водостопанство на Македонија“, Костадин Стојанов, се уште е рано да се каже кога ќе почне поголемиот прилив на вода во хидроакумулациите, но врнежите, кои почнаа и се најавува дека ќе продолжат, даваат голема доза на оптимизам дека есенва и во зима нивото на водата во акумулациите ќе се зголеми.

-Според вчерашните мерења во најголемата акумулација „Турија“ имаме 11,5 милиони кубни метри вода од вкупно 50 милиони. Во „Водоча“,пак вчера се измерени 9 милиони кубни метри вода од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода, информираше Стојанов.

Според него, и помалите акумулации „Новоселка“, „Чаушица“, „Иловица“ и „Маркова река„ бргу се полнат.

Куманово - Царинските инспектори од мобилните тимови од Секторот за контрола и истраги на граничниот премин Табановце во текот на вчерашниот ден запленија девизи кои српски државјанин имал намера нелегално да ги изнесе од државава, соопштија денеска од Царинската управа.

-Поради сомневање во изјавата која ја дал патникот дека нема што да пријави и дека со себе носи помалку од 1.000 евра, царинските инспектори извршиле детална контрола на возилото и притоа на совозачкото седиште под машка јакна во црна рачна торбичка се пронајдени 44.000 евра, а во багажниот простор на возилото во црна кожна ташна биле пронајдени дополнителни 50.000 евра или вкупно 94.000 евра за кои лицето не поседувало документ за потекло на парите и не ги пријавило, соопшти Царината.

На лицето му биле вратени 10.000 евра, сума која согласно Законот за девизно работење нерезидентите можат без да пријават да ja изнесат од државава, а останатиот износ од 84.000 евра се привремено одземени.

Крива Паланка - Општина Крива Паланка објави јавен повик за доделување на награда „Земјоделец/ка за 2025 година на Општина Крива Паланка“. На повикот можат да се пријават физички лица со постојано место на живеење во Општина Крива Паланка, регистрирани или евидентирани земјоделски производители во единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Заинтересираните кандидати за учество на јавниот повик можат да поднесат пополнета пријава по пошта или со достава во архивата на Општина Kрива Паланка, со потполнета пријава, решение за упис во ЕРЗС издадена од МЗШВ ПЕ Крива Паланка, решение за регистриран примарен производител на хранаиздадена од АХВ или копија од сертификат за органско производство, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка. 

Краен рок за поднесување на пријавите е 03.12.2025 година до 14 часот, по пошта или во архивата на општината.

Тетово – Ослободувањето на Тетово од фашистичката окупација во Втората светска војна на 19 ноември 1944 година денеска беше одбележано со оддавање на почит на загинатите борци пред Споменикот на победата (револуцијата) во Тетово.

Чествувањето почна со интонирање на химната, почесна стрелба и минута молчење во организација на Општинската организација на Сојузот на борци Тетово од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, како и тетовската касарна „Кузман Јосифоски-Питу“.

Следуваше историски час, со читање на поетската творба на Владо Серафимовски „О земјо Македонијо“, како и реферат за значењето на датумот, подготвен од професор по историја, Љубиша Марковиќ од ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“.

Велес - Четиринаесетото издание на регионалната манифестација „24 часовно цртање на стрипови“ e во тек.  Годинашната акција ќе се одржи од 29 ноември во 12 часот до 30 ноември, со истовремено цртање на повеќе локации: во Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб и новододадениот пункт во Скопје.

Пријавувањето е преку линкот кадешто можат да се најдат и повеќе информации.

Томе Трајков стрип промотер од Велес, ја изразува својата благодарност за поддршката којашто ја добил од стрип соработниците и пријателите од Хрватска.

- Уште еднаш го изразувам задоволствотоод стрип соработниците и пријатели од Хрватска кои уште од 2023 веднаш ја прифатија мојата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори, потенцира Трајков.

Куманово - Пронајден е кумановецот кој беше пријавен за исчезнат утрово во СВР Куманово. Информацијата ја потврдија членовите на неговото семејство и полицијата.  Шеесет и шестгодишниот кумановец беше пријавен за исчезнат утрово во кумановската полиција.

- В.М. (66) од Куманово бил пронајден од неговиот син во добра здравствена состојба, соопшти СВР Куманово.

А.М. (34) од Куманово, претходно пријави во полицијата дека од домот се оддалечил неговиот татко В.М. (66), кој последен пат бил виден на Клиника за онкологија во Скопје.

Од семејството се заблагодарија на граѓаните за поддршката.

Штип - Една третина од граѓаните на Општина Штип  го немаат подмирано данокот на имотот. Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип вели дека вкупно 6.800 решенија за данок на имот не се наплатени, согласно предвидениот законски рок до 15 номеври 2025 година.

Тој потенцира дека за истите се изготвуваат опомени за наплата и ако навремно не ги подмират своите обврски за данок на имот ќе се пристапи кон присилна наплата.

- Од издадените за 2025 година, 18.500 решенија до сега се наплатени две третини и остануваат за наплата уште 6.800 решенија. За истите ќе бидат изготвени опомени за наплата и оние кои нема да платат потоа следува и решенија за присилна наплата. Оние кои ќе си ги подмират обврските ќе немаат таков проблем, изјави Каров.

Тој додава дека за граѓаните, кои не платиле до 15 ноември ќе се пресметува камата, а потоа ќе се оди кон присилна наплата. Согласно Законот за даноци, пред пристапувањето кон присилна наплата општинската администрација му доставува писмена опомена на даночниот обврзник за да ги плати даночниот долг, паричните казни и каматата во рок од осум дена од денот на доставувањето на опомената на последната адреса што ја пријавил кај нив.

Каров вели дека  изминатите години расте дисциплината кај даночните обврзници за навремено плаќање на данокот на имот. 

Скопје - Општина Ѓорче Петров денес официјално го потпиша договорот за доградба на ООУ „Јоаким Крчоски“, со што започнува реализацијата на значајна инвестиција вредна 42 милиони денари.

Проектот, како што се наведува во соопштението од   Општина Ѓорче Петров, опфаќа проширување на училиштето со современ, функционален и енергетски ефикасен простор со површина од околу 600 метри квадратни, целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар.

-Со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, современ скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект. Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите, се наведува во соопштението.

Скопје - Екипите на Јавното претпријатие денеска ја расчистуваат локацијата на поранешниот ресторан „Мекдоналдс“, која се наоѓа на приватно земјиште со запишан објект, но фактрата за извршената работа ќе ја достават до соствениците кои не ја исчистиле иако тоа од нив било побарано. 

-Иако сопствениците добија налог да ја исчистат оваа со години запуштена локација, тоа не беше направено. Поради тоа, на терен излегоа комуналните екипи на Општината, информираат од Општина Аеродром.

По уредувањето, додаваат од Општина Аеродром, Јавното претпријатие ќе достави фактура до сопствениците со износот за извршените работи.

Општина Аеродром, велат оттаму, останува посветена на чиста, безбедна и уредна средина и ќе продолжи решително да реагира секаде каде што сопствениците не постапуваат согласно со законските обврски. 

Остани поврзан