• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

5 декември 2025 

Охрид – Општинската организација на Црвениот Крст од Охрид денеска ќе го одбележи 5 Декември - Светскиот ден на волонтерството. Во знак на благодарност за придонесот на волонтерите кон заедницата, нивното значење и улога во општеството, на волонтери и крводарители денеска ќе им бидат доделени благодарници и признанија.

На Денот на волонтерството се потсетува на придонесот на општинските волонтери кои припаѓаат на сите генерации, од најмладите до највозрасните, кои во духот на хуманоста обезбедуваат поддршка за спроведување на бројни активности наменети за најразлични корисници на услуги на Црвен Крст - Охрид.

Истакнувајќи го значењето на волонтерската активност и дејствување, и волонтерството како глобален феномен и фундаментална човечка вредност која ги развива основните постулати на граѓанското општество: почитување на разликите, хуманоста, одговорноста за други, одговорноста за своето мислење, одговорноста за својот избор, на овој Светскиот ден на волонтерството, од Црвен Крст Охрид упатуваат честитки, благодарност и почит кон сите волонтери, крводарителите, поединци, фирми, институции кои го поттикнуваат, поддржуваат волонтерството, кои го унапредиле развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца.

Скопје - После две години, скопјани добиваат субвенции за инвертер клима уреди, откако синоќа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги потпиша решенијата за исплата на субвенциите, согласно Јавниот повик на кој аплицираа жителите на Град Скопје.

-Доцна вечерва ги потпишав решенијата за исплата на субвенциите, согласно Јавниот повик на кој аплицираа жителите на Град Скопје.  Со оваа мерка ги поддржуваме домаќинствата што инвестирале во набавка на високо ефикасни инвертер клима уреди во 2025 година, кои ќе носат пониски трошоци, повисока енергетска ефикасност и значително подобри услови за живеење. Со инвестирање во клима уреди, правиме чекор напред кон почиста и поздрава животна средина. Со намалена потрошувачка на енергија и пониско ниво на емисии, тие директно придонесуваат кон заштита на воздухот и создавање поеколошко и одржливо Скопје, објави синоќа на Фејсбук градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Градот Скопје, како што напиша  Ѓорѓиевски, ќе им ги надомести трошоците за набавка на уредот во износ до 20.000 денари по домаќинство, во нето износ, а данокот на личен доход целосно ќе го покрие Градот.

-Во периодот што следи, ќе продолжиме со нови јавни повици за субвенции, со цел да го олесниме секојдневието на нашите сограѓани и да го направиме нашиот град подобро место за живеење, истакна Ѓорѓиевски. 

Скопје - Амбасадорката на Јапонија во земјава Сецуко Кавахара и градоначалникот на општина Чучер Сандево Зоран Бајовски денеска потпишаа GGP грант договор со кој оваа локална самоуправа ќе добие возило за управување со отпад со вкупна вредност од 75 254 евра. 

- Грант програмата за мали проекти за човековата безбедност или ГГП претставува еден од столбовите на соработката меѓу Јапонија и Северна Македонија. Од 1996 година преку ГГП Јапонија поддржа 187 проекти во областите здравство, образование и животна средина. Во рамки на Иницијативата за соработка на Западен Балкан, Јапонија е силно посветена на поддршка на економскиот и социјалниот развој на Северна Македонија, што е неопходно за целосно интегрирање во ЕУ. Во секторот за животна средина, Јапонија донираше повеќе од 1,5 милиони евра за обезбедување комунални возила, како што се возила за управување со отпад и противпожарни возила, кои придонесуваат за почиста и побезбедна средина низ целата земја, изјави амбасадорката Кавахара.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид во завршните градежни активности во салата „Работнички“, која добива современ изглед и целосно ги исполнува ФИБА стандардите за одржување натпревари од највисоко ниво, се вели во соопштението од Општина Центар, што МИА го објавува интегрално. 

Во моментов се поставува нов паркет на теренот со површина од 700 квадратни метри, кој одговара на ФИБА стандардите за натпревари од ниво 1, а неговото целосно завршување се очекува во текот на следната недела.

„Пред самиот крај сме – завршуваме еден голем процес и во исто време отвораме ново поглавје за нашиот „Работнички“. Го остваривме тоа што го замисливме, па дури и повеќе , добивме сала по ФИБА стандарди“, изјави Герасимовски.

Објектот е целосно енергетски ефикасен. Поставено е подно греење, со што се овозможуваат значителни заштеди на енергија, а инсталиран е и современ климатизациски систем за ладење, греење и проветрување. Фасадата е исто така енергетски ефикасна, со што се обезбедува долготрајност и економичност во користењето.

Скопје - Без вода денеска од 11:20 часот се дел од жителите од скопското село Студеничани. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ -  Скопје, прекинот е поради дефект на улица „4“ број 64 во Студеничани. 

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот. 

Остани поврзан