МИА Општински пул
- МИА Општински пул
3 декември 2025
Радовиш - Општина Радовиш и годинава објави конкурс за доделување на вкупно 29 стипендии на ученици од основното и средното образование. За ученици од шесто, седмо, осмо и деветто одеделение висината на стипендијата изнесува 2.500 денари, а за средношколците 3.000 денари.
На основците ќе им бидат доделени 16, на средношколците 13 стипендии по основ на постигнат успех и социјални критериуми.
Сите ученици стипендијата ќе ја добиваат девет месеци, односно во текот на една учебна година.
Заинтересираните треба да ги достават своите барања до 11-ти овој месец во просториите на Општина Радовиш.
Крива Паланка - Ученици од средното општинско училиште "Ѓорче Петров", Крива Паланка донесоа високи награди од учествата на национални научни настани од областа на хемија и физика на кои под менторство на своите професорки успешно ја претставија гимназијата.
Ученикот Димитар Стојановски беше дел од тимот на професорката Валентина Цветановска кој учествуваше на настанот „Ноември – месец на науката 2025“, што се одржа на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
- Димитар освои втора награда по хемија за четврта година, се овој успех е резултат на многу труд, упорност и љубов кон науката. Горди сме на успехот на учениците и менторот и им посакуваме уште поголеми успеси во иднина, посочува директорката на СОУ "Ѓорче Петров", Крива Паланка, Елена Ѓорѓиевска.
Таа нагласи дека посветеноста во работата секогаш носи резултати, а уште еден доказ за тоа е и неодамнешниот успех на учеството на 47 Школа ,,Млади физичари" во организација на Друштвото на физичари на Македонија, што се одржа на природно математичкиот факултет во Скопје.
Струга - Општина Струга денеска објави јавен повик за субвенционирање физички лица, невладини организации и здруженија кои се занимаваат со водење туристички групи на планина, заради промоција на планинскиот туризам и авантуризмот.
Право на учество, според повикот, имаат сите физички лица, невладини организации, здруженија и други субјекти, кои дејствуваат на територијата на Општина Струга, а се занимаваат со водење туристички групи на планински предели, со кое се промовира планинскиот туризам во сите негови форми: пешачење, планинарење, алпинизам, спортско качување, планински велосипедизам, скијање и сноубординг, јавање, еко-тури, авантуристички активности, спелеологија, културен и етно-туризам, како и фотографски туризам.
Износот на средствата кој ќе биде доделен на физичките лица, НВО и здруженија изнесува 300.000 денари, кои, како што е наведено, ќе бидат распределени пропорционално подеднакво според конечниот број на поднесени валидни барања за субвенционирање.
Охрид – Во рамки на чествувањата на празникот 8 Декември – Денот на Сврети Климент охридски и патрон на градот Охрид, утре ќе биде промовирана книгата „НУ Библиотека „Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“ од Милчо Јованоски, како издание на самата библиотека.
Во книгата авторот Јованоски ги вклопил новите истражувања сврзани со животот и делото на Прличев, напишани во новинарски манир кои се движат по линијата на книжевното и публицистиката.
Оваа „книжевна читанка“ е прва во издание на Библиотеката, паралелно напишана на македонски и англиски јазик и истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Таа, пред сѐ им е наменета на странските гости на Библиотеката, но и градот.
Не случајно книгата се промовира на празникот на градот. Длабока и континуирана е духовната врска и влијанието што Свети Климент ја имал врз охридскиот поет и преродбеник Прличев. Но и Прличевата голема љубов и познавања на Климентовото дело опишано и во „Словото за Климента“ што го одржал пред охриѓани во далечната 1867 година.
Кавадарци - Во завршна фаза е Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост во Кавадарци, што ќе располага со капацитет од 40 корисници. Вкупната проценета вредност на проектот е 40.856.910 денари, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, на својата Фејсбук страница.
- Овој објект е инспирација и поттик за уште поголема поддршка и инклузија на лицата со телесна или ментална попреченост во нашата општина, напиша Јанчев, на меѓународниот ден за поддршка на лицата со попреченост, трети декември.
Пробиштип - Дневниот Центар за лица со посебни потреби во Пробиштип одбележува 20 години од своето постоење. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски денеска беше во посета на дневниот Центар. Тоневски вели дека лицата со попреченост заслужуваат да ги користат сите права рамноправно со останатите граѓани – не само денес, туку секој ден од годината. Нивните очекувања се едноставни, а суштински: еднаквост, поддршка и можност за нормален и достоинствен живот во заедницата.
-Оваа година се навршуваат 20 години од отворањето на Дневниот центар и од неговото успешно функционирање. Навистина ме радува што и по две децении, ова место останува дом на љубов, посветеност и професионална грижа. На сите вработени им упатувам искрена благодарност за нивниот неуморен труд и хуманост, вели Тоневски.
Кочани - Општина Кочани, вчера и денеска беше домаќин на завршната работилница од основната фаза на проектот „Промотер – Промовирање на територијални стратегии за одржлива мобилност преку хабови на потрошувачи на зелена енергија“, финансиран од програмата Interreg Europe.
- Проектот „Промотер“ е иницијатива која за Општина Кочани е многу повеќе од обична проектна активност. Овој проект претставува можност за вистински напредок – за размена на искуства, за учење од добри практики и за подобрување на локалните политики во согласност со европските стандарди. Убеден сум дека резултатите од основната фаза ќе ни помогнат да поставиме цврста основа за следните чекори, а наученото да го претвориме во вистински промени – во корист на граѓаните на Кочани и во насока на европските вредности што ги споделуваме – истакна во своето поздравно обраќање во МКЦ, Александар Андов, претседател на Советот на Општина Кочани.
Скопје - По повод 3 Декември, Светскиот ден на лицата со попреченост, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска присуствуваше на инклузивна детска приредба во ПОУ „Кузман Јосифовски-Питу“.
Како што информираат од Општината, настанот бил реализиран со примена на знаковен јазик, како израз на инклузивниот пристап на училиштето во кое наставата ја следат и ученици со оштетен слух и говор.
Во рамки на посетата, градоначалничката донирала реквизити за детска игра и развој на моториката, со цел унапредување на инклузивните активности и поддршка на развојот на учениците.
Скопје - Во текот на месец ноември 2025 година, Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше вкупно 179 едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица кои биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот.
Претставниците на Еко-патролата ги информирале и едуцирале граѓаните на кој начин, каде и во кои термини, согласно законските одредби, треба да го одлагаат комуналниот отпад и отпадот од пакувања, со цел заштита на животната средина и јавното здравје.
-Во текот на минатиот месец, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 1500 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Интервенирано е во речиси сите скопски општини, како и на таканаречените „црни точки“ каде што е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и на сообраќајни површини, наведуваат од Јавното комунално претпријатие.