МИА Општински пул
- МИА Општински пул
26 ноември 2025
Гостивар - Полицијата лишила девет државјанки на Колумбија под сомнеж дека го злоупотребиле туристичкиот престој во гостиварско и против нив се поднесени соодветни пријави.
Од СВР Тетово информираат дека вчеравечер (25.11.2025 во 01:30 часот) при преземање на мерки и активности во угостителски објект во селото Добридол, гостиварско, биле затекнати 13 женски лица.
- Меѓу нив имало девет државјанки на Колумбија и четири македонски државјанки.Поради злоупотреба на туристичкиот престој, странските државјанки П.Ц.Д.М. (32), Д.Ј.Ј.Р. (28), Х.М.М.Л. (23), О.К.Е.(34), З.М.А.М. (24), Х.Б.К.В.(20), Ј.Н.В. (26), Л.С.Ј.Р. (26), П.М.М.М. (32), сите од Колумбија се приведени, против нив се поднесени пријави, велат од СВР Тетово.
Според информацијата, од страна на Основен суд Гостивар им е одредена мерка забрана за влез во државава во времетраење од една година и парична казна.
Куманово - Кумановската библиотека „Тане Гегоргиевски“ денеска со свечена манифестација во Занаетчискиот дом одбележа 80 години од постоењето. Ученици, професори, читатели го проследија настанот кој визуелно го прикажа растот на установата од скромните почетоци како народно читалиште со 1.300 книги до современа јавна установа што ги следи модерните, културни и образовни текови.
- Основана во 1945 година, библиотеката ја започна својата мисија како мало народно читалиште со скромен книжен фонд, создаден главно преку донации од граѓаните. Денес, таа прерасна во модерна институција сместена во две простории, оддел за возрасни и оддел за деца сместен во Центарот за култура, со зголемен фонд, подобрени просторни услови и посебно детско одделение кое функционира од 2005 година, изјави директорката на установата, Марија Спасовска.
За вработените, сегашни и поранешни, за читателите јубилејот е потсетник на историјата, и на постојаната трансформација на установата која останува прибежиште за љубителите на пишаниот збор.
Делчево - Општина Делчево деновиве започна со поставување на новогодишните декоративни украси, со што и официјално стартува подготовката за претстојната празнична сезона. Во градскиот парк се поставуваат светлечки украси, празнични фигури, како и дрвените куќички наменети за угостителска и трговска дејност, кои секоја година се едни од главните атракции за граѓаните и посетителите.
Како што информираат од Општината, украсувањето се реализира по претходно утврден план и оваа година опфаќа поголем дел од градот.
-Особено внимание ќе биде посветено на централното градско подрачје, кое треба да се претвори во главна новогодишна сцена, привлечна за семејствата и најмладите, информираа од Општината.
Кавадарци - Физичка пресметка се случила синоќа во Кавадарци, кај едно од лицата биле измерени 1,80 промили алкохол во крвта, информираа попладнево од Секторот за внатрешни работи Велес.
- Синоќа во 20:30 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Б.М.(30), а ги привеле Е.П.(39), Р.П.(30) и А.П.(25), сите од овој град. Според пријавеното, на улица „Клинска“ во Кавадарци, Б.М. физички го нападнал малолетниот син на Е.П., а потоа бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу таткото на малолетникот, Р.П. и А.П. од една страна и Б.М. од друга страна. При преземање на мерки, кај Е.П. биле измерени 1,80 промили алкохол во крвта, појаснија од СВР Велес.
Како што додадоа оттаму, Б.М. и Е.П. биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, ќе биле поднесени соодветни пријави.
Вевчани - Целосна реконструкција и модернизација на улиците во Вевчани, како и развој на туризмот се дел од приоритетите на градоначалникот Спасе Кочовски.
Според него, во изминатиот период реконструирани се четирите главни улици во дожина од два километри.
- Ги реконструиравме четирите главни улици во должина од два километри. Целосно е променета канализациската и водоводната мрежа, а поставени се и подземни кабли за пренос на електричната енергија, просторот е уреден со канделабриско осветлување, појасни Кочовски.
Тој посочи дека Општината активно работи на развивање на туризмот, со цел Вевчани да стане поатрактивна туристичка дестинација.
- Интересно е Вевчани. Убаво е и во летниот и во зимскиот период. Но потребна ни е инфраструктура за зимски туризам. За жал засега сме на нула за тоа, но работиме и во таа насока, посочи Кочовски.
Кавадарци - Битолчанец бил лишен од слобода кај мотел Дреново, бидејќи возел со 151 километар на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена на 80 километри на час, информираа попладнево од Секторот за внатрешни работи Велес.
- Вчера во 11:45 часот на експресниот пат Градско- Прилеп, кај место викано „Мотел Дреново“, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиja од слобода З.Б.(43) од Битола. При контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека управувал патничко возило „ауди“ со битолски регистарски ознаки со брзина од 151 километар на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена на 80 километри на час, соопштија од СВР Велес.
Оттаму појаснија дека тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против него ќе била поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.
Струга - Општинската организација на Црвен крст - Струга распиша конкурс за обука за негуватели за помош и нега на стари лица.
На конкурост, кој е отворен до 8 декември годинава, како што е наведено, можат да се пријават сите заинтересирани невработени лица, кои сакаат да се стекнат со верификуван сертификат за негувател/ка.
- Кандидатите треба да бидат државјани на Република Македонија, да се на возраст од 18 до 62 години, да поседуваат општа психо-физичка способност за работа, да имаат завршено средно образование и да бидат мотивирани за работа со стари лица, стои во конкурсот.
Заинтересираните кандидати можат да се пријават на емаил адресата struga@redcross.org.mk, на телефонскиот број 046 786 014 или директно во просториите на струшкиот Црвен крст, секој работен ден од 8 до 16 часот.
Стругa - Велосипедист се здобил со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода со автомобил на регионалниот пат Струга - Дебзр, кај селото Враништа, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, вчера во 13 часот и 15 минути на регионалниот пат од Струга кон селото Враништа, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Т.А.(57) од селото Горно Татеши, струшко и велосипед управуван од Р.Ш.(65) од селото Враништа, струшко.
Во несреќата, како што е наведено, со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид.
На местото, бил извршен увид од увидна екипа од ОВР Струга.
Охрид – Екипи на општинското јавно претпријатие „Водовод“ од Охрид вршат замена на дотраената опрема во пумпната станица „Метропол“, односно целосна замена на двете вертикални турбински пумпи што датираат од 1988 година.
Како што соопштуваат од Општина Охрид, се поставуваат нови поекономични и автоматизирани пумпни агрегати, со цел обезбедување непрекинато водоснабдување на градот Охрид и околните населени места.
Проектот исто предвидува и целосна промена на постојното напојување на пумпните агрегати со ново електрично напојување, како и целосна замена на електричната инсталација.