МИА Општински пул
- 10 јуни 2025
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, најави дека караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ отпочнува денеска од населбата Капишец, а ќе трае до 4-ти јули.
На средбата со новинарите утрово, тој потенцира дека преку овој караван, граѓаните ќе се информираат за тоа што е реализирано во изминатите три и пол години, но исто така центарци ќе можат да дадат и свои идеи, сугестии и предлози за поубав Центар.
-Караванот почнува денеска и ќе трае до 4-ти јули. Заедно со граѓаните ќе креираме политики и идеи и ќе ги реализираме. Самиот караван почнува од населбата Капиштец, од детското игралиште кај Зебра. Со општинските служби ќе бидеме заедно со граѓаните и ги слушаме сите нивни предлози и идеи, она што го правиме во текот на годините преку буџетските форуми, истражувањата, анкетите. Нашата цел е да ги слушнеме центарци за нивните предлози и идеи. Се гледаме вечер во маало, рече Герасимовски.
Тој денеска го промовираше и Зелениот катастар со кој преку платформата ГИС со кој сите граѓани имаат на увид состојбата со зеленилото во општината.
Тетово – Министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната работна посета на Тетово изјави дека наредната учебна година ќе има учебници за секое дете и оти дотогаш ќе се надминат одредени недоразбирања што постојат на релации министерство-општини-училишта.
-Очигледно има некакви недоразбирања меѓу раководствата на училиштата, па и меѓу некои општини и централната власт. Учебници треба да има за секое дете. Министерството ќе обезбеди учебник за секое дете. Постојат нeкои недоразбирања каде што се бара учебници кои реално ги нема и реално нема ни учебници затоа што училиштата не ги побарале од министерството. Оваа година сериозно ќе се потрудиме тој предизвик да го надминеме и токму затоа утре ќе имаме прес-конференција. Молам да следите сè во детали, ќе биде опишано за да не доаѓа до такви недоразбирања, истакна Јаневска на последниот ден од учебната година и по повод завршената реконструкција на ОУ „Андреја Савески - Ќиќиш“ во Тетово.
На новинарско прашање зошто нема наставници за албански јазик во дијаспората, Јаневска рече дека недостиг има и за двата јазика (македонски и албански) и оти се работи на наоѓање решение.
Кавадарци - Мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година и останатите мерки предвидени со програмите за работа на Министерството за економија и труд беа презентирани денеска во Кавадарци, во рамки на информативните денови што се организираат во поголем број општини.
Присутните имаа можност подетално да се информираат за Оперативниот план за вработување и останатите мерки на Министерството за економија и труд. Се работи за мерките и активностите од планот за кој годинава, како што беше кажано, биле издвоени рекордни 40 милиони евра, бил најголем и најобемен досега, а главниот акцент бил на младите.
Мерките пред присутните ги презентираа заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески заедно со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова.
- Очекувам огласите и од останатите мерки да се објават во најскоро време и ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на истите, рече Ристески.
Претходно ваков информативен настан се реализираше во Прилеп.
Тетово – По повод завршување на реконструкцијата на ОУ „Андреја Савески – Ќиќиш“ во Тетово беше организирана свечена приредба на која присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, пратеникот Александар Велјановски и општински функционери.
Во природното обраќање министерката Јаневска оцени дека училиштето изгледа прекрасно и тоа е резултат на домаќинското работење на раководството и заштеди на средства кои ги добива од Министерството за образование и наука, но и резултат на грижата на општината за овозможување на достоен воспитно – образовниот процес за најмладите жители на градот.
- Сигурна сум дека ќе поттикне уште поголема посветеност на наставниците и тие ќе дадат поголема жртва во создавањето на нови, млади и креативни умови. Знам дека и учениците ќе се чувствуваат уште попријатно и побезбедно при престојот во училиштето. Им должиме на граѓаните на Македонија вакви инвестиции. Долго време недостигаа, и оттука – и недовербата и неверувањето дека некој може да работи чесно, одговорно, посветено и наместо да создава непотребни или непродуктивни трошоци, да внимава и тие средства да ги искористи за општо добро. Но, еве гледаме дека можело. Сликата за образованието, ја менуваме заедно, истакна Јаневска.
Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, истакна дека се работи за инвестиција од четири милиони денари за реконструкцијата на фасадата на училиштето со што се заокружува еден циклус со претходно вложување во нова спортска сала и во уредување на дворот.
Штип - Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска организираше прием за најуспешните ученици кои постигнаа извонредни резултати на турнирите организирани од Сојузот на училишен спорт – Штип. На средбата посебно беа истакнати активностите како што се првиот турнир во ракомет, регионалните натпревари и традиционалната манифестација „Пролетни денови“, кои успешно го промовираат училишниот спорт и го зајакнуваат спортскиот дух кај младите.
Јорданов рече дека општината дава силна поддршка на Сојузот на училишен спорт за неговата клучна улога во откривањето и развојот на младите спортски таленти.
-Штип е достојно претставен благодарение на ваквите успеси. Овие резултати се доказ дека вложувањето во младите и спортот носи вистински вредности, вели Јорданов.
Тој најави нови инвестиции во спортската инфраструктура, меѓу кои се и реконструкциите на спортските сали во Општинските основните училишта (ООУ) „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“.
Куманово - Заталкано зрно од огнено оружје завршило во паркирано „БМВ“, сопственост на кумановец, соопшти денеска СВР Куманово.
Случајот во полицијата го пријавил педесет и едногодишниот Р. П., вчера во 10.50 часот во СВР Куманово.
- Пријавил дека неговото патничко возило „БМВ“, кое било паркирано во неговиот двор во населба „Јане Сандански“ било оштетено од заталкано зрно од огнено оружје, соопшти полицијата.
Увид извршила екипа од СВР Куманово која презема мерки за расчистување на случајот.
Скопје - Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје од денеска ќе располага со ново современо и уникатно возило целосно развиено во Македонија и дрон за гасење на пожари, а беа промовирани и новата генерација пожарникари.
Влатко Николовски координатор на проектот на Бригадата на денешната презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники“ го претстави новото современо возило како и новиот дрон за гасење пожари.
-Ако продолжевме да се жалиме ќе останевме без возила, без центри и можност за некои од вас да го најде своето место во делот на развој на дронови и заштита од пожари. Денеска ќе го претставиме првото целосно развиено македонско возило кое е уникатно и универзално, направено е благодарение на 30 - годишното знаење на командниот тим на Скопската бригада благодарение на командантот и неговиот тим. Целиот развој е направен без никаква владини, невладини фондации или фондови, сме го развиле независно, прво да си докажеме дека Македонија може да развива мобилно и моќно возило, после него следува многу брзо, многу поголемо возило за шумски пожари кое е полесно за производство. Во исто време успеавме први во Европа и во Америка да развиеме дрон кој гаси пожари и кој многу пати досега покажал феноменални резултати, рече Николовски.
Берово - Општина Берово ги повикува граѓаните кои имаат причинета материјална штета од невремето со врнежи од град, кое ја зафати територијата на општината на 5 јуни 2025 година (четврток), да ја пријават штетата, до Комисијата за проценка на штети на Општина Берово. Повикот, како што се вели во денешното соопштение од Општината се однесува за жителите од селата Владимирово, Мачево, Смојмирово, Русиново и Двориште.
-Барањето за пријавување на штета пополнето со бараните податоци и документи се доставува до Архивата на Општина Берово ул. „Димитар Влахов” бр.10 во Берово. Во Барањето потребно е да се опише настанатата штета и точната локација која се пријавува, информираа од Општина Берово.
Комисијата во предвид ќе ги земе сите барања кои по овој основ се поднесени најдоцна до 16 јуни 2025 година..
Куманово - Почна расчистување на просторот за потребите за изградба на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, соопштија денеска надлежните од секторот за комунални дејности.
- Исечени се стари тополи, гранки се чека на интервенција на ЕВН. Претходно беа отстранети бараките, изјави помошникот раководител на секторот, Момчило Јовановски.
Изградбата предвидува расчистување на просторот. Според податоците објавени на електронскиот систем за јавни набавки за изградбата на дел од булеварот од улицата „Доне Божинов“ сè до улицата „Братство и единство“, општината ќе одвои речиси 27 милиони денари со вклучен данок на додадена вредност.
На оваа локација општината предвиде и изградба на уште еден кружен тек на крстосницата помеѓу булеварот „Октомвриска Револуција“, улицата „Доне Божинов“ и крак од улицата „Братство единство“. Проектот опфаќа реконструкција на дел од улиците кои гравитираат на тоа подрачје, современо осветлување, асфалтирање. Претходно општината во неколку наврати одвои средства за експропријација на земјиштето.