МИА Општински пул
- МИА Општински пул

17 април 2025
Кавадарци - Ваташанка била приведена поради агресивност кон полициски службеници, информираа денеска од Сектор за внатрешни работи Велес.
- Утрово во 03.30 часот на улица „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци ја привеле Е.К.(33) од село Ваташа, кавадаречко, затоа што агресивно се однесувала кон нив додека извршувале службени дејствија. Таа била задржана во полициска станица и по документирање на настанот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес.
Дебар – Бугарските медиуми повторно упатија напади кон лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кои тој категорично ги отфрла и ги нарекува чиста лага.
Под наслов „Скриена вистина за Васил Стерјовски: српски пасош во рацете на @македонски лидер’“, Ипресс.бг пишува дека Стерјовски, кој ја предводи единствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), често се претставува како активен бранител на македонскиот идентитет, говори против „бугаризацијата“ и инсистира на заштита на малцинските права.
- Но сега стана јасно дека Стерјовски поседува српско државјанство, лична карта и пасош на Република Србија. Како е можно лидер кој тврди дека се бори за македонската кауза да има документи од земја која историски го користела македонизмот како алатка против Бугарија? Овој чин е показател за длабоко лицемерие. Неговата партија сѐ повеќе наликува на проект роден во интерес на странска земја“, пишува меѓу другото.
Во текстот се нагласува и дека „современиот македонизам не е автентична национална идеја. Создаден е во службите на Белград со цел да го подели бугарскиот народ и да ги негира историските вистини“.
Стерјовски во изјава за МИА вели дека вакви напади биле очекувани од бугарска страна, бидејќи, како што истакна, „на Бугарите не им одговара да има Македонец-пратеник во албанскиот парламент кој ги застапува македонските интереси во Албанија“.
– Нападот е насочен против мене и против македонската партија. Во текстот сѐ е измислено, и тврдењето дека македонската партија е формирана од Србија, и дека македонизмот е продукт на Србија. Бугарите сѐ уште се заглавени во 19 век и не можат да се помират со фактот дека македонската нација е историска реалност. Не се чудам, вакви и слични напади ќе има уште, рече Стерјовски.
Според него, никој во Албанија не верува на вакви измислици, бидејќи се работи за чиста невистина, како и многупати досега.
Скопје - Од почетокот на месецот април, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстраниле вкупно 550 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во речиси сите скопски општини.
-Во истиот период, Еко-патролата на Претпријатието изготви 11 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површин, соопштија од претпријатието.
Од ЈП Комунална хигиена-Скопје преку секојдневно рачно и машинско метење и миење продолжува да ја одржува хигиената на булеварите и улиците што се под надлежност на Градот Скопје, како и чистотата на плоштадот и улицата „Македонија“, пешачките мостови во централното градско подрачје, кејот „13 Ноември“ и реонот на Старата скопска чаршија.
Скопје - Утре (петок), шалтерите за наплата, шалтерите за рекламација и операторите во Дирекцијата на ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе работат од 07:30 до 15:30 часот, известуваат од јавното претпријатие.
Оттаму додаваат дека 21 април 2025 година (понеделник) е неработен ден.
Скопје – Паркирањето во Општина Центар за време на велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани, со исклучок на затворените паркиралишта Дилајла и Трготекстил.
-Во петок (18 април), недела (20 април) и понеделник (21 април) граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар. Од ова исклучок се затворените паркиралишта Дилајла и Трготекстил, соопшти ЈП ПОЦ.
Согласно програмата за неработни денови за 2025 година, сабота (19 април) е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе работат со вообичаено работно време.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 22 април (вторник) со вообичаено работно време.