• сабота, 23 ноември 2024

МЖСПП учествува на Собранието на Глобалниот фонд за животна средина

МЖСПП учествува на Собранието на Глобалниот фонд за животна средина

Скопје, 23 август 2023 (МИА) - Рамката на Глобалниот фонд за биодиверзитетот, како нова алатка за финансирање на заштитени видови и екосистемите, ќе биде резултат од 7-то Собрание на Глобалниот фонд за животна средина што се одржува од 22-26 август во Ванкувер, Канада, каде ќе се сретнат одговорните за животната средина од 185 држави помеѓу кои е и министерката за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Каја Шукова.

Како што информираат од МЖСПП, Собранието има за цел да направи пресек и да трасира идни насоки за алоцирање на глобалните финансиски средства за справување со глобалните предизвици поврзани со загубите на биодиверзитетот, токсичните хемикалии, климатските промени и праведната застапеност во акциите на глобално и национално ниво.

- На Собранието учествуваат министри од повеќе од 50 држави во светот, претставници на меѓународните агенции и управители на светски корпорации, каде на повеќе тематски работни маси, заедно со претставниците на младите и маргинализираните групи и цивилните организации ќе дадат преглед на сработеното и ќе ги дефинираат потребните акции на глобално ниво во насока на реализирање на целите за 2030 година во горенаведените подрачја, велат оттаму.

Дополнуваат дека министерката Шукова ќе се обрати на официјалното отворање на Собранието, ќе земе учество на пленарните сесии за решенија за здрава планета преку интегрирана меѓународна акција и на тркалезната маса за тоа како кохерентните политики меѓу секторите можат да ја намалат финансиската разлика во секторите природа и клима.

- Исто така, министерката Шукова ќе учестува на дополнителните настани организирани од меѓународните имплементирачки организации на Глобалниот Фонд за животна средина со кои имаме соработка во споменатите области, дополнуваат од МЖСПП. ар/лв/

Фото/ МЖСПП

Остани поврзан