• сабота, 23 ноември 2024

Меѓународниот ден на сестринството во Делчево одбележан со доделување награда за најхуманата медицинска сестра

Меѓународниот ден на сестринството во Делчево одбележан со доделување награда за најхуманата медицинска сестра

Делчево, 12 мај 2023 (МИА) - Меѓународниот ден на медицинските сестри и техничари во Делчево одбележан со доделување награда за најхуманата медицинска сестра. Епитетот за најхумана медицинска сестра годинава и припадна на Маја Алексовска вработена во Здравствениот дом „Гоце Делчев“. Со навршени 27 години работен стаж, Алексовска во моментот работи во Итната медицинска помош, а претходно и како медицинска сестра во Центарот за хемодијализа и во општата служба при Здравствениот дом во Делчево.

 -Особено сум горда што сум тука меѓу вас, еве тоа се докажа на дело дека хуманоста и добрината го менуваат светот на подобро. Нашата професионалност е медицинска сестра, што се знае дека е клучна алка во здравствениот систем и нашето работење има голем придонес во здравственото лекување на нашите пациенти. За нас нема поголемо и подобро задоволство кога тие ќе излезат со подобро здравје од нашата установа, истакна Алексовска.  

До своите колеги и колешки најхуманата медицинска сестра од Делчево за 2023 година ја упати пораката секогаш да бидат тоа што се и секогаш да ја покажуваат хуманоста на дело.

Наградата за најхуманата сестра во Делчево ја додели Сузана Панова, претседателка на Здружението на медицински сестри и техничари од Делчево.

-Годинава настанот го одбележуваме под мотото ,,Ова се добри времиња, за да дојдат подобри времиња". Мило ми е што се собравме во поголем број и оваа година да го одбележиме нашиот традиционален празник, Меѓународниот ден на сестрите 12 Мај. Оваа година наградата заслужено замина кај сестра Маја Алексова од Итната медицинска помош, рече Панова.

Денешиот датум на медицинските сестри од Делчево им го честиташе и директорот на Здравствениот дом Зоран Ѓорѓовски кој по тој повод на најхуманата сестра и додели пригодни подароци. вс/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан