• петок, 08 ноември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 9 август 2023 (МИА) - На 08.08.2023 во Битола, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола лишиле од слобода две лица кои биле затекнати при вршење на недозволена трговија, односно купопродажба на странски парични средства, без овластување од Народна банка на Република Северна Македонија и спротивно на одредбите од член 55 од Законот за девизно работење.  Притоа, кај нив биле пронајдени 247.000 денари, 12.430 евра, околу 15.000 австралиски долари, 3.302 американски долари, 4.415 канадски долари и други валути.  Исто така, на 08.08.2023, криминалистичката полиција при СВР Битола на повеќе локации  во Битола изврши контрола на повеќе патнички моторни возила кои вршат превоз на патници и притоа биле затекнати шест патнички моторни возила кои вршат превоз на патници без поседување лиценца за вршење на јавен превоз. По документирање на случаите, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

По преземени оперативни мерки и активности, полициски службеници од СВР Скопје открија криминална група која на 25.07.2023 изврши тешка кражба во дом на ул.„Ловќенска“, при што беше одземен сеф. Имено, по преземени мерки е констатирано дека тие со употреба на сила и подесен алат влегле во домот и го извршиле делото. По консултација со јавен обвинител и по добиена судска наредба извршен е претрес на неколку локации на подрачјето на Чаир и Никиштани, Скопско, при што биле пронајдени предмети поврзани со извршеното кривично дело. Притоа, од слобода бил лишен А.М.(24) од Никиштани, додека за останатите лица кои го извршиле делото се распишани расписи. По комплетно документирање на сите докази, против лицата ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по чл. 236 од Кривичниот законик.

На 08.08.2023 во 20.00 часот на регионалниот пат Демир Капија- Неготино, пред влез во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода О.Р.(20) од с.Студеничани, скопско, поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. Имено, околу 15.15 часот на автопатот А1, на делницата Демир Капија - Неготино, во близина на место викано „Острово“, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово забележале патничко возило „волво“ со скопски регистарски таблички од друго возило, кое излетало од патот, а возачот го напуштил местото. Во близина на возилото биле пронајдени 10 лица мигранти од Сирија. По преземени мерки и активности на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово и полициски службеници од ОВР Неготино, малку подоцна, возачот бил пронајден и лишен од слобода. Тој бил задржан во полициска станица, а мигрантите биле сместени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија. Против О.Р. денеска ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

На 08.08.2023 во 20.00 часот на Граничен премин „Меѓународен Аеродром-Скопје“, полициски службеници го лишиле од слобода М.В.(54) од Република Србија. При пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека е со мерка „апси“ на барање од Интерпол Холандија. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Скопје за понатамошна постапка.   

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (08.08.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 203 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 80 санкции, пет мерки за возење без возачка дозвола, 10 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се три мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила, шест санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест мерки за некористење сигурносен појас, четири санкции за возење под дејство на алкохол...

На 08.08.2023 на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 73 возачи. Од нив, 50 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 23 надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

Во текот на вчерашниот ден (08.08.2023) во периодот од 05.00 до 11.00 часот, полициски службеници на СВР Тетово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачите кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани и санкционирани 79 прекршоци (ТЕ-59 и ГВ-20), од кои 33 (ТЕ) за пречекорување на брзината во населено место и 46 (ТЕ-26 и ГВ-20) надвор од населено место. За време на контролите биле констатирани и 7 останати прекршоци (ТЕ-4 и ГВ-3). На сите возачи - прекршители им биле изготвени и законски предвидените поднесоци, додека најбрзите ќе се соочат и со заштитна мерка забрана за управување во рок од 3 до 12 месеци, зависно големината на пречекорената брзина.

На 08.08.2023 во 21.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локален пат во тетовско Милетино, мотоцикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од  Л.Н.(24) од  Тетово, излетал од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

На 08.08.2023 во 15.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопат-обиколница на град Скопје, во близина на надвозник за Раштански пат, патничко возило удрило во пешакот Р.И.(80) од Скопје и го напуштило местото. Од здобиените повреди на местото на несреќата Р.И. починала, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

На 08.08.2023 во 23.50 часот во Полициската станица Карпош, А.Н.(50) од Скопје пријавила дека на ул.„Миле Попјорданов“ била касната од куче со сопственик.

На 08.08.2023 во 10.20 часот во Полициската станица Аеродром, С.М.М.(58) од Скопје пријавила дека на ул.„Коста Новаковиќ“ била касната од куче скитник. вг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан