• петок, 08 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Вчера во 21:30 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ги лишиле од слобода Г.П.(41) од Струмица и 39-годишната И.Ц. од село Куклиш, струмичко. При преглед кај нив, кај Г.П. бил пронајден и одземен хероин. По преземени мерки и активности било дојдено до сознание дека Г.П. дрогата ја купил од А.Т.(38) од Гевгелија. Денеска (15.09.2023), со судска наредба, бил извршен претрес во домот на А.Т.. При претресот биле пронајдени и одземени хероин, кокаин, дигитална вага и други предмети со остатоци од дрога. Исто така, при претресот, во домот бил затекнат и Т.Т.(40) од Гевгелија, кој дошол да користи дрога. По консултација со јавен обвинител, двајцата биле лишени од слобода и задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.   

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.Р.(26) од Република Албанија, со живеалиште во с.Врапчиште и Х.З.(24) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. На 14.12.2022 во угостителски објект во Тетово, пријавените го забележале Т.Л.М.(71) од с.Вешала, на кој му се слошило и го однеле во Клиничка болница Тетово, каде починал. Притоа, пријавените лажно се претставиле како негови роднини и од него одзеле пари, лични документи и два мобилни телефони и се стекнале со противправна имотна корист од околу 40.000 денари.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Л.М.(50) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување“ и „неовластено навлегување во компјутерски систем“. Пријавената, вработена во ЈП „Комунално“ во Струга, на 16.08.2023 и 18.08.2023, неовластено одзела платежни картички од две лица кои при наплата ги заборавиле на пултот, по што ги користела за свои потреби.

Вчера во 23.00 часот во СВР Скопје, Д.Н.(39) од Скопје пријавил дека околу 02.00 часот пред угостителски објект на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Т.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Во СВР Скопје вчера во 20.21 часот  било пријавено дека на подрачјето на Аеродром, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу К.Б.(47) и О.П.(45), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Д.Ј.(36) од с.Мустафино, светиниколско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,затајување“. Пријавениот, вработен како економ во ЈЗУ Здравствен дом Свети Николе, во јуни, јули и август 2023 година, во 18 наврати на бензинска пумпа во Свети Николе полнел гориво во туби, а на вработените на бензинската пумпа им укажувал да изготвуваат испратници за фактура и им ги давал картичките со податоци за службените возила на Здравствениот дом кои му биле доверени, со што противправно присвоил гориво во вредност од 79.891 денари на штета на ЈЗУ Здравствен дом. 

Вчера во 14.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека во двор од училиште во с.Грушино, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.Б.(64) и С.А.(62) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

Во ОВР Кавадарци вчера во 01.15 часот , чувар во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци пријавил дека неколку лица фрлале со метални и други тврди предмети и ја оштетиле  влезната врата. Увид извршила екипа од ОВР Кавадарци и се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Денеска во 00.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ биле донесени двајца малолетници од Скопје, при што кај едниот биле констатирани тешки телесни повреди, а кај другиот телесни повреди. Според пријавеното, тие се здобиле со повредите од физички напад од две лица во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Аеродром. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Денеска (15.09.2023) во 00.40 часот во СВР Скопје, В.В.(31) од Струмица пријавил дека на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од И.С.(62) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Ѓ.В.(27) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Пријавениот, во август 2022 година, кога бил на викенд отсуство од Казнено-поправната установа Затвор Штип, набавил хероин кој го внел во установата, а на 01.09.2022, при извршен претрес во собата на пријавениот, дрогата била пронајдена и одземена. 

Вчера во 10.05 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, 31-годишна жена од скопско пријавила дека пред неколку месеци во училишен двор на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, нејзината малолетна ќерка била физички нападната и малтретирана од две нејзини врснички. Од настанот бил направен видео запис и откако таа го видела, пријавила во полициска станица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (15.09.2023) во 00.05 часот во СВР Скопје, С.Б.(59) од Скопје пријавил дека на 14.09.2023 околу 23.00 часот на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 13.09.2023 во 22.20 во Скопје полициски службеници од ПС Центар го лишиле од слобода С.Т. (39) од Скопје, постапувајќи по пријава од жена од Скопје дека во парк на подрачје на Центар С.Т. физички го нападнал и го допирал нејзиниот малолетен син. Известен е јавен обвинител и по расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера во 09.04 часот во Полициската станица Кисела Вода било пријавено дека во текот на претходната ноќ бил опожарен влез на спортска обложувалница на подрачје на општина Кисела Вода. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против З.А.(44) од с.Драгобраште, виничко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 01.06.2023 на социјалната мрежа „Фејсбук“, на објава на интернет портал, пријавениот напишал коментар со кој промовирал и поттикнувал говор на омраза и дискриминација.      

Вчера во 22.00 часот во СВР Скопје, К.М.М.(43) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Денеска во 09.48 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 09.35 часот во филијала на банка на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, едно лице со закана со пиштол одзело пари од вработените. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Б.К.(28) од Ресен, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 07.08.2022 во ОВР Струга, од граѓанин била пријавена пронајдена женска чанта со пари, лични документи дробилка и марихуана, која и припаѓала на пријавената. 

Вчера околу 16.40 часот на автопатот Куманово – граничен премин Табановце, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во Бирото за јавна безбедност забележале патничко возило „бмв“ со француски национални ознаки, кое превезува лица мигранти. Возилото не застанало на даден знак за запирање од полициските службеници, но набргу, по преземени мерки, било  пронајдено на бензинска пумпа пред патарина „Романовце“. Притоа, во возилото биле затекнати седум лица мигранти (едно од Сирија, едно од Авганистан и пет од Ирак), од кои тројца малолетници. По насоки на јавен обвинител, мигрантите биле сместени во прифатно – транзитен центар во Табановце. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. свс/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан