МВР Билтен (ДПЛ)
- СВР Битола - ОВР Македонски Брод до Основното јавно обвинителство Кичево поднесе кривична пријава против С.Ж.(51) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - СВР Битола - ОВР Македонски Брод до Основното јавно обвинителство Кичево поднесе кривична пријава против С.Ж.(51) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од почетокот на 2019 година до 02.10.2024, пријавениот во својство на директор на ЈЗУ Здравствен дом -Македонски Брод лично потпишувал одлуки за јавни набавки и набавувал опрема и потрошен материјал за детска превентивна стоматологија за заштита на деца до 14 годишна возраст, кои не требало да се набавуваат и да се користат, бидејќи во детската превентивна стоматологија, освен за залевање на заби на деца до 14 години и вршење превентивни систематски прегледи, не се вршат други услуги и интервенции на пациенти како поправка, лекување и вадење на заби како на деца до 14 години, така и на возрасни, согласно насоката од Фондот за здравствено осигурување. Исто така, во текот на 2022, 2020 и 2019 година, пријавениот постапил спротивно на Законот за сметководство во буџетите и буџетските корисници член 21 и Правилникот за сметководство за буџети и буџетски корисници член 29 и член 30-а и ја оштетил здравствената установа Здравствен дом - Македонски Брод на начин што доделените субвенции за користење мобилни услуги од мобилен оператор како набавени уреди, ги присвоил за своја корист. Во текот на 2022 и 2023 година, пријавениот постапил спротивно на Законот за користење и располагање со предмети во државна сопственост член 22, член 23 и член 24 и го оштетил буџетот на ЈЗУ Здравствен дом Македонски Брод така што од оштетеното санитетско возило „тојота“, претходно добиено како донација од Јапонија, дозволил да се вадат делови и истите да се даваат на трајно користење на Здравствен дом Крушево, иако претходно немало доставено позитивен одговор од Влада на РСМ за отуѓување или продажба на делови, согласно претходно нивно испратено барање од Здравствениот дом. Во периодот од 25.06.2021, заклучно со 15.08.2024, пријавениот дозволил да се изготвуваат фиктивни налози за службени патувања на патничко возило „дачија дастер", со што овозможувал службеното возило да се користи за приватни потреби, а притоа да нема уредна евиденција.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против М.С.(45) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед во возило „хонда аскорд“ во кое се превезувал, извршен на улицата „ЈНА“ во Струга, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија при ОВР Струга пронајдоа и одзедоа марихуана.
На 28.11.2024 во 21.50 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода С.П.(35) и А.Д.(35), двајцата од Куманово. При преглед во патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.П., а сопатник бил А.Д., биле пронајдени стоки без соодветна документација. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветна пријава.
На 28.11.2024 во периодот од 18.00 до 22.00 часот во централно градско подрачје на Куманово беше одржан ненајавен јавен собир по повод денот на албанското знаме. Притоа, полициски службеници го привеле Б.Џ.(20) од село Липково поради непочитување на наредба и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок. Исто така, за време на собирот биле оштетени шест патнички моторни возила, констатирани биле 20 мерки по закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и една мерка од закон за возачка дозвола. По целосно расчистување и документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 28.11.2024 во 14.30 часот во ОВР Гостивар, 42 – годишна жена од Гостивар пријавила дека била измамена од едно лице. Според пријавеното, на 25.11.2024 преку социјална мрежа нашла веб страница на која прво требала да уплати одредени парични средства и да изврши задачи за да ѝ биде исплатена заработувачката. Како што е пријавено, откако во два наврати уплатила вкупно 170 долари и ги извршила задачите, едно лице ѝ се јавило и барало да уплати уште пари, по што сфатила дека е измамена. Исто така, според пријавеното, после тоа на интернет нашла друга веб страна и побарала помош да си ги врати парите и преку социјална мрежа стапила во контакт со едно лице, кој преку апликацијата влегол во нејзиниот телефонски уред и од нејзината банкарска сметка резервирал 119.000 денари и потоа ѝ се јавил и побарал уште 200.000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.11.2024 во периодот од 11.00 до 15.00 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар постапиле согласно планот за спречување на питачење во Гостивар и притоа, на улица „Борче Јованоски“ биле затекнати Е.А.(36) од Скопје и М.Ш.(23) од Прилеп, на улица ,,ЈНА“ била затекната С.Т.(38) од Гостивар и на улица „Мајор Чеде Филиповски“ била затекната Џ.К.(30) од Скопје, кои питачеле. Против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 29.11.2024 во 00.15 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода А.А.(30), Д.Г.(33), А.З.(21) и Ф.К.(22), сите од Скопје. Тие се сомничат дека претходно во угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар физички ги нападнале Ф.Ш.(21), Ф.М.(21) и Џ.Р.(21), при што користеле разни предмети и оштетиле дел од инвентарот. Извршен бил увид од екипа од СВР Скопје и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 28.11.2024 во 22.00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Е.С.(37) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 31-годишна поранешна вонбрачна партнерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.11.2024 во 14.10 часот во СВР Скопје, Ј.Н.(39) од Скопје пријавил дека околу 13.40 часот на подрачјето на општина Аеродром, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници, од кои дел ги познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (29.11.2024) во 00.48 часот во СВР Скопје, 26-годишна жена пријавила дека околу 00.00 часот во домот на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг З.Ј.(33) од радовишко. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.11.2024 во 18.30 часот во СВР Скопје, А.Т.(38) од с.Бардовци, скопско, пријавил дека околу 14.30 часот на работното место во угостителски објект на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање со малолетник, бил физички нападнат од А.З.(44) од Скопје. Исто така, во врска со настанот, А.З. пријавил дека во угостителскиот објект, неговиот малолетен син бил физички нападнат од А.Т.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.11.2024 во 23.30 часот во СВР Скопје, З.Б.(43) од Скопје пријавила дека во дворот од семејната куќа на подрачјето на Шуто Оризари, таа и нејзиниот сопруг К.Б.(45) од Скопје биле физички нападнати од нивниот сосед Д.„Н“ и уште две други лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.11.2024 во 08.20 часот во СВР Скопје, П.Ѓ.(19) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.11.2024 во 18.05 часот во СВР Скопје, С.Ќ.(29) од с.Љуботен, скопско, пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар, три лица му упатиле закани со огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.11.2024 во 04.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бензинска станица на подрачјето на Гази Баба во Скопје, едно лице со закана со огнено оружје од вработениот одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.11.2024 во 16.00 часот на автопатот Граничен премин Табановце – Куманово, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север забележале како од патничко возило „фолксваген пасат“ со црногорски национални ознаки излегуваат пет лица мигранти. Веднаш потоа, возачот го напуштил местото, а по преземени мерки биле пронајдени две лица од Република Турција и три лица од Сирија. Мигранти биле сместени во транзитен центар Табановце за понатамошна постапка.
На 28.11.2024 во 18.42 часот во СВР Скопје било пријавено дека во својот дом на подрачјето на Кисела Вода бил пронајден починат П.К.(57) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, на местото на настанот излегле полициски службеници од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
На 28.11.2024 во 15.10 часот во ОВР Демир Хисар било пријавено дека во с.Стругово, демирхисарско, Д.Т.(49) од с.Стругово била касната од куче скитник.
На 28.11.2024 во 17.30 часот во ОВР Прилеп, Т.В.(43) од Прилеп пријавил дека на ул.„Трајко Николоски” во Прилеп бил каснат од куче скитник.
На 28.11.2024 во 13.09 часот во Полициската станица Велес, С.Н.(18) од Велес пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес бил каснат од куче скитник.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.З.(36) и О.А.(27), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 01.10.2024, полициски службеници извршиле преглед над патничко возило, во кое биле пријавените, при што пронашле и одзеле марихуана, МДМА таблети, хашиш, дигитална вага, пиштол „Црвена застава“, куршуми и пригушувач за звук. На 07.11.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на второпријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против С.М.(32) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 24.11.2024 во Итна медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ во Делчево, пријавената упатувала закани кон вработени од установата.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.Р.(24) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на март 2024 година, едно лице побарало помош од пријавениот за да му се отклучи апликација на неговиот мобилен телефон, по што пријавениот му кажал дека треба да плати 2,99 евра со платежна картица и побарал слика од картичката, на што тоа се согласило. На 14.03.2024, оштетениот добил СМС пораки во вид на известување, дека од неговата платежна картичка се извршени повеќе плаќања на веб страна, при што му биле одземени 529.051 денари.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против правно лице од Гостивар и против М.Ш.(48) од Гостивар, управител на пријавеното правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во текот на мај 2024 година на ул.„Илинденска“ во Гостивар, пријавениот изградил настрешница, без да поседува соодветна документација издадена од надлежен орган. вг/
Фото: МИА Архива