• сабота, 23 ноември 2024

Маричиќ: Северна Македонија ќе биде дел од Европската миграциска мрежа

Маричиќ: Северна Македонија ќе биде дел од Европската миграциска мрежа
Скопје, 23 ноември 2022 (МИА) - Во областа „Правда, слобода и безбедност“ е направен првиот чекор во „забрзување на интеграцијата“. Побаравме Северна Македонија да стане дел од Европската миграциска мрежа, што е доказ плус за добрата подготвеност во оваа област и посветеноста на македонскиот преговарачки тим на процесот, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел, каде денеска заврши тридневниот билатерален скрининг за Поглавјето 24 - Правда, слобода и безбедност. Според Маричиќ, со учеството во Европската миграциска мрежа земјава ќе има пристап до точни, најнови и ажурирани информации за движењата на границите, што е од високо значење и за безбедноста на нашите граѓани, но и за безбедноста на нашите граници. - Мислам дека тоа е еден добар доказ дека имаме одличен старт во оваа област и доказ дека само треба да продолжиме во оваа насока за да можеме и законски и институционално да се усогласиме во зададениот рок, изјави Маричиќ за Канал 5. Тој изрази задоволство од заокружувањето на билатералниот скрининг за Поглавјето 24 - Правда, слобода и безбедност, на кој работните групи во овие три дена имаа јасни и исцрпни презентации, со изнесување на многу детали, од кои задоволни биле и претставниците на Европската комисија. - Задоволни се од нашето високо ниво на подготвеност во оваа област и тоа само може да ни служи како поттик за да направиме добар план за брзо усогласување, што побрзо усогласување во овие клучни области, додаде Маричиќ. На прашањето дали во Брисел имаат некакви забелешки за ова поглавје и дали се дадени некакви насоки каде земјава треба да го насочи реформскиот процес, Маричиќ рече дека иако добиле многу прашања од Европската комисија, особено околу институционалните капацитети, човечките капацитети во институциите, не добиле крупни забелешки. - Секако многу внимание се обрна на системот за гонење на организиран криминал и висока корупција, дел од тоа темелно ќе продолжи и во Поглавјето 23. Имавме повеќе прашања, но секако дека од нас се бара и ќе се бара да ги зајакнеме институциите коишто се борат со организираниот криминал којшто делува вон границите на која било една држава и секако да се продолжи на патот со зајакнување на механизмите за борба против корупцијата, посочи Маричиќ. Маричиќ вели дека скрининг процесот се одвива според предвиденото темпо и дека веќе се завршени три кластери на објаснувачки скрининг, додавајќи дека сега земјава е навлезена длабоко во билатералниот скрининг за Првиот кластер и до крајот на оваа година ќе го завршиме билатералниот скрининг за него. На прашањето колку процесот е инклузивен, вицепремиерот Маричиќ изјави дека Владата максимално е инклузивна, дека се прават консултации со сите оние делови од општеството што може да се вклучат во оваа фаза, но дека нивно директно вклучување ќе дојде во подоцнежна една фаза кога ќе се прават извештаите. -Оваа фаза е фаза во која институциите го презентираат она што е направено од законско ниво, она што е направено и на институционално ниво и она што го правиме во праксата. Мислам доволно ќе има и време и простор и за вклучување и на бизнис заедницата и на невладините организации и на медиумите секако во овој процес, рече Маричиќ за „Канал 5“. Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на скринингот членовите на македонската Работната група ја презентираат позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на земјава во однос на законодавството на ЕУ, поврзани со судската соработка во граѓански прашања и комерцијалната материја, како и судската соработка во кривичната материја и конфискацијата и замрзнувањето на имот. Изразувајќи задоволство од состанокот, Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со ЕУ, истакна дека очекува преговорите со Унијата да продолжат со оваа добра динамика. Тој нагласи дека Поглавјето 24 е она каде што со години веќе соработуваме на полето на азил, миграции и визен режим и иако во ова него сме прилично успешни во усогласувањето, тоа е област во која брзо се менуваат работите. Според Маричиќ, мигрантскиот бран од 2015 и 2016 година и кризата поврзана со Украина покажа дека имаме усогласеност и соработка со ЕУ, а круна на таа соработка е Договорот од ФРОНТЕКС, којшто неодамна беше потпишан во Скопје и којшто ги регулира прашањата околу одбрана на европската граница од несакани и недозволени миграции на долг рок. - „Забрзана интеграција“ е новиот елемент која овозможува учество на земјите кандидатки во ЕУ законодавството, пред самото пристапување во ЕУ. Во рамки на презентирањето на билатералните состаноци, земјата може да пројави интерес за учество во acquis-то како на пример: учество во програми на Унијата, експертски групи, работните групи и формати, ИТ системи, размена на информации, како во случајот со учеството и примената на КОВИД сертификатот, се наведува во соопштението на СЕП. Инаку, во изминатите три дена членовите на Работната група за преговори имаа 56 излагања на 12 теми поврзани со миграцијата, азилот, судска соработка во граѓански прашања, соработка во областа на борбата против дрогата, соработка во областите на царината, визната политика, полициската соработка и борбата против организираниот криминал, соработката меѓу единиците за финансиско разузнавање, организираниот криминал, судската соработка во кривичната материја, борбата против тероризам, визниот режим, фалсификувањето и надворешните граници. Претставниците на Работната група за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“ доаѓаат од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Министерство за одбрана, Министерство за надворешни работи, кое е надлежна институција за ова поглавје, Министерство за здравство, Јавно обвинителство, Народна банка, Управа за финансиско разузнавање и Секретаријат за европски прашања. Билатералниот скрининг продолжува на 1 декември за Поглавјето 23 - Правосудство и фундаментални права, кое заедно со Поглавје 24 е клучно за понатамошниот тек и динамика на преговорите за пристапување во ЕУ. сп/

Остани поврзан