• сабота, 23 ноември 2024

Македонскиот каратист Стојановиќ освои сребрен медал во У21 Светската лига

Македонскиот каратист Стојановиќ освои сребрен медал во У21 Светската лига

Венеција, 10 декември 2023 (МИА) – Македонскиот каратист Стефан Стојановиќ постигна голем успех на последниот турнир од серијата во Светската младинска карате лига што викендов се одржува во Венеција, освојувајќи го сребрениот медал во категоријата над 84 килограми.

Каратистот од најтрофејниот македонски карате клуб „Макпетрол“ на патот до финалето во Светската лига за помлади сениори, ги совлада Михаил Бистричанов од Бугарија, (2-0), Амир Зуауи од Франција (3-2), Жоакин Маркез Санчез од Венцуела (1-0) и Германецот Николаи Секот (2-1). Во борбата за златниот медал, Стојановиќ минимално загуби од Украинецот Данил Касијанов (0-1).

На завршниот турнир од Светската лига во Венеција забележителен настап имаа и каратистите на „Макпетрол“, Јована Мицовска во категоријата до 61 килограми, Витомир Трајковски (до 84 килограми), Данило Божовиќ (над 84 килограми) и Димитар Лозановски (над 67 килограми).

-Задоволни сме од настапот на сите каратисти од тимот на „Макпетрол“. Успеавме да освоиме еден сребрен медал и остваривме два високи пласмана на седмото место. Успеавме да го продолжиме континуитетот на освојување медали од најелитните карате натпревари. Ова е вкупно 47. медал за нашиот клуб од најелитните Светски карате премиер лиги, во сениорска и младинска конкуренција, изјави тренерот на Макпетрол, Петар Заборски.

На Светската лига во Венеција беа пријавени рекордни 4133 натпреварувачки влезови од 81 држава. ег/хс/

Фото: МОК

Остани поврзан