• вторник, 24 декември 2024

Македонска Каменица презема интензивни мерки за превенција од потенцијални штети предизвикани од најавените обилни врнежи

Македонска Каменица презема интензивни мерки за превенција од потенцијални штети предизвикани од најавените обилни врнежи

Македонска Каменица, 17 септември 2024 (МИА) - Во насока на заштита на населението и имотите на граѓаните, од потенцијални штетни последици предизвикани со најавените обилни врнежи, Општина Македонска Каменица преку активностите на Јавното претпријатие Камена Река, презема редица на интензивни мерки за превенција.
 
- Темелното чистење на сите отворени канали за собирање на атмосферски води е една од клучните мерки за спречување на поплави. Нивната функционалност овозможува непречено одводување на поголеми количини на вода и спречува создавање на поголеми атмосферски талози при поројни дождови, изјавил градоначалникот Димчо Атанасовски, соопштија денеска од Општина Македонска Каменица.

Тој упатил апел до сите граѓани на Македонска Каменица да бидат внимателни, да не одложуваат градежен шут и отпад во системите за одводнување и во регулираните суводолици на целата територија на општината. 
 
- Заеднички, со превенција и со одговорно проактивно однесување, можеме да се заштитиме и да ги минимизираме ризиците од временските непогоди, се наведува во соопштението. 
 
Јавното претпријатие Камена Река, како реализатор на овие проактивни политики на општина Македонска Каменица за заштита и спречување на штети, во соопштение посочува дека вработените во јавното претпријатие успешно ги вршат активностите за чистење на отворените канали за собирање на атмосферски води и дека ќе продолжат со своите активности за одржување на инфраструктурата и обезбедување на безбедни услови за граѓаните. цр/дма/

Фото: Општина Македонска Каменица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан