• понеделник, 23 декември 2024

Лула да Силва: Нема смисла американското Министерство за правда да бара информации од Сааб

Лула да Силва: Нема смисла американското Министерство за правда да бара информации од Сааб

Бразилија, 11 октомври 2024 (МИА) – Бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва денеска изјави дека „нема смисла“ американското Министерство за правда да бара информации од шведската компанија Сааб за купување на борбени авиони Грипен во 2014 година.

Компанијата Сааб вчера соопшти дека добила такво барање од САД и најави дека има намера да го исполни, без да даде детали.

- Мислам дека тоа претставува мешање на САД во работите на друга земја, рече Лула да Силва.

Договорот со Сааб, кој во конкуренција за договорот ги победи американската компанија Боинг и француската компанија Дасо, го потпиша администрацијата на поранешната претседателка на Бразил, Дилма Русеф.

Во 2016 година, бразилските обвинители формално го обвинија Лула да Силва дека го искористил неговото влијание за да му помогне на Сааб да победи на тендер од 5,4 милијарди долари за 36 борбени авиони, а адвокатите на претседателот во тоа време го опишаа како „политички прогон“.

Врховниот суд на Бразил го отфрли случајот во 2022 година, одлучувајќи дека обвинителите биле пристрасни против Лула да Силва, истакнувајќи дека купувањето било уставно и неоспорено од властите што го надгледувале склучувањето на договорот. јт/

Остани поврзан