• вторник, 28 јануари 2025

Лидери на ЕУ: Невиден пораст на антисемитизмот во Европа

Лидери на ЕУ: Невиден пораст на антисемитизмот во Европа

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) – Лидерите на ЕУ денеска, по повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, укажаа на „невиден пораст на антисемитизмот“ на европскиот континент, кој не е забележан од Втората светска војна и порачаа дека се решени да се борат против антисемитизмот и за заштита на еврејскиот начин на живот во Европа.

- Никогаш повеќе е сега, нагласија лидерите на ЕУ во изјава објавена на веб-страницата на Европскиот совет.

Во исто време, тие остро го осудија „загрижувачкиот пораст на насилни антисемитски инциденти“, негирањето и искривувањето на вистината за холокаустот, како и теориите на заговор и предрасудите против Евреите.

- Денес сме сведоци на невиден пораст на антисемитизмот на нашиот континент, кој не е забележан од Втората светска војна, подвлекуваат членовите на Европскиот совет.

Потсетувајќи дека на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот се одбележува 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, тие порачаа дека се сеќаваат на „невидените ужаси на Холокаустот“, за време на кој беа убиени шест милиони Евреи и милиони други народи, од кои 1,1 милион само во Аушвиц.

- Повеќе од кога било досега, од клучно значење е да ја исполниме нашата одговорност да им одадеме почит на жртвите на холокаустот. Ние сме решени да се бориме против антисемитизмот и да го заштитиме и негуваме еврејскиот начин на живот во Европа. Ги осудуваме сите форми на дискриминација, нетолеранција, расизам и ксенофобија и ќе преземе решителна акција за да одговориме на овие закани за демократските општества, рекоа лидерите на ЕУ.

Тие истакнаа дека почитувањето на човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права, вклучително и слободата на изразување и вера или уверување, како и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, мора и ќе ги водат активностите на ЕУ во секој момент, во согласност со вредностите на кои се заснова ЕУ и кои се заеднички за сите. јт/

Остани поврзан