Лидерите на ЕУ, Велика Британија и на НАТО ќе одржат разговори за одбрана на 3 февруари
- Лидерите на ЕУ ќе се соберат во Белгија на 3 февруари на исклучителни одбранбени разговори во кои ќе бидат вклучени британскиот премиер и генералниот секретар на НАТО, две недели по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, објави денеска блокот.
Брисел, 13 јануари 2025 (МИА) - Лидерите на ЕУ ќе се соберат во Белгија на 3 февруари на исклучителни одбранбени разговори во кои ќе бидат вклучени британскиот премиер и генералниот секретар на НАТО, две недели по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, објави денеска блокот.
„Европа треба да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана“, напиша шефот на Европскиот совет Антонио Кошта во писмото во кое ги поканува шефовите на држави и влади на ЕУ на разговорите во замокот Лимонт,во близина на Брисел.
„Верувам дека споделуваме слична оценка за заканите со кои се соочува Европа“, им рече Кошта на земјите-членки.
„Мирот во Европа зависи од тоа дали Украина ќе добие сеопфатен, праведен и траен мир“, подвлече Кошта, предупредувајќи дека геополитичката перспектива на блокот „ќе остане предизвик во догледна иднина“. Разговорите ќе дојдат во клучен момент, при што клучните поддржувачи на Украина, Велика Британија и ЕУ, претпазливо гледаат на ветувањата на Трамп за брз крај на конфликтот по преземањето на власта на 20 јануари.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, минатата недела повтори дека се надева дека САД ќе ја задржат својата поддршка за Киев, но дека ако тоа не се случи, Европа е подготвена да го преземе водството.
Кошта упати официјална покана минатиот месец за британскиот премиер Кир Стармер да се приклучи на состанокот во февруари - додека неговата Лабуристичка партија се залага за „ресетирање“ на односите со ЕУ по долгогодишно гнев по Брегзит.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така ќе присуствува на „разговори за најитните прашања поврзани со одбраната, особено за нашата поддршка за Украина, како и за соработката ЕУ-НАТО“.
„Имаме заеднички интерес да направиме повеќе и подобро на европско ниво“, напиша тој во своето писмо до лидерите.
Разговорите ќе се фокусираат на дефинирање на приоритетите за зајакнување на одбранбените капацитети на Европа, за тоа како да се забрза приватното финансирање и подобро да се мобилизираат јавните средства за одбраната и како да се продлабочат партнерствата, вклучително и со европските партнери кои не се членки на ЕУ. зш/