• вторник, 14 јануари 2025

Врховниот суд на САД одби да ја прекине тужбата против нафтените компании за отштета поради климатските промени

Врховниот суд на САД одби да ја прекине тужбата против нафтените компании за отштета поради климатските промени

Вашингтон, 13 јануари 2025 (МИА) -  Американскиот Врховен суд денеска го отфрли барањето на нафтените и гасните компании да се запрат тужбите против нив за штети предизвикани од климатските промени. Највисокиот суд во земјата, во кој доминираа конзервативните судии, одби да го разгледа барањето, дозволувајќи му на градот Хонолулу да го продолжи случајот против нафтените и гасните компании, вклучувајќи ги Суноко, Шел, Шеврон, Ексон Мобил и БП.

Конзервативниот судија Самуел Алито се повлече од процесот на донесување одлуки. Тој не кажа зошто, но беше откриено дека има удел во една од компаниите цел на тужбата, јавија американските медиуми.
Индустријата за фосилни горива се соочува со серија тужби во кои се тврди дека ја лажела јавноста за тоа како тие горива придонесуваат за климатските промени.

Владите на американските држави како Калифорнија, Колорадо и Њу Џерси бараат отштета од милијарди долари поради настани како што се огромни шумски пожари, зголемување на нивото на океаните и бури.  
Администрацијата на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден, демократ, се залагаше за заштита на животната средина и го повика Врховниот суд да го отфрли барањето на нафташите.

Новата администрација на републиканскиот претседател Доналд Трамп има значително различни ставови и ги застапува интересите на индустријата за фосилни горива. зш/

Остани поврзан