• петок, 27 декември 2024

Либан изрази надеж за „најдобри можни односи“ со Сирија

Либан изрази надеж за „најдобри можни односи“ со Сирија

Бејрут, 26 декември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Либан изрази надеж за „најдобри можни односи“ со соседна Сирија за време на телефонскиот разговор со неговиот сириски колега, во време на долгогодишна тензија меѓу Бејрут и Дамаск, пренесуваат светските агенции.

„Либан се надева на најдобри меѓусоседски односи со новата сириска влада“, рече либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб за време на денешниот разговор со Асад Хасан ал Шибани.

Од интервенцијата на сириските трупи во Либан за време на граѓанската војна (1975-1990) до онаа на либанската група Хезболах, која ја поддржуваше армијата на Башар ал Асад во сирискиот конфликт што започна во 2011 година, односите меѓу двете соседни земји отсекогаш биле обележани со тензии.

Во меѓувреме, ирачка делегација, вклучувајќи го и шефот на разузнавањето, денеска во Дамаск се сретна со претставници на новата сириска администрација и разговараше за ситуацијата во Сирија, како и за потребата од безбедност и стабилност долж границата меѓу двете земји, пренесе ирачка државна новинска агенција. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан