• вторник, 24 декември 2024

Левица поднесе кривична пријава против вицепремиерот Груби за противправно стекнување и прикривање имот

Левица поднесе кривична пријава против вицепремиерот Груби за противправно стекнување и прикривање имот

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Политичката партија Левица денеска до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднела кривична пријава против потпретседателот на Владата на Република Македонија, Артан Груби од ДУИ, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Противправно стекнување и прикривање имот“ – казниво по чл. 359-а, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена парична и затворска казна од шест месеци до пет години, соопштија од Левица.

-Пријавениот се терети дека во својство на овластено службено лице, како вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во Владата на РМ – не го пријавил опожареното возило „Ауди“ во својот Анкетен лист, иако – како избрано или именувано лице, т.е. јавен функционер бил должен тоа да го стори во законски регулирана постапка предвидена пред Држвната комисија за спречување на корупцијата, се посочува во соопштението.

Со цел да го прикрие „аудито“, се додава, тој свесно и со умисла не го навел во Изјавата за имотната состојба и со помош на лицето Беким Лимани, во својство на помагач, возилото го завел како сопственост на Лимани, против кого, се наведува во соопштението, исто така е поднесена пријава за „помагање“ сторено преку однапред ветено прикривање на кривичното дело, што е казниво по чл. 24 од КЗ.

- Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавениот и сведоците, како и по професионалното комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер, со што еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената злоупотреба која се прави од недопирливите јавни функционери на власта, во однос на прикривање на нивните реални имоти и противправно стекнати богатства, соопштија од Левица. цр/са/

Фото: ПП Левица

Остани поврзан