• сабота, 23 ноември 2024

Левица: ЕК укажува на недоволната заштита на културното наследство

Левица: ЕК укажува на недоволната заштита на културното наследство

Европската комисија на линија на Левица: Властите не преземаат мерки за заштита на културното наследство 

2 ноември 2024 

Погубниот однос кон културното наследство за којшто години наназад алармира и предупредува Левица - наиде на остри критики и од Европската комисија во Годишниот извештај.

Во Годишниот извештај за напредок на Македонија, во делот за култура и заштитата на културното наследство, Европската комисија особено укажува на недоволната заштита на културното наследство.

Исто така, посочуваат и на одложувањето на усвојување на измените на националното законодавство за културата и новата национална стратегија за развој на културата и заштита на културното наследство за периодот 2023-2027, кои впрочем повторно се одложени.

Посебно е нотирано дека Министерството за култура треба да обезбеди заштита на културното наследство и да вложи дополнителни напори за зајакнување на институционалниот одговор и меѓуинституционалната соработка за заштита на културни наследства, посочувајќи ја како пример Старата чаршија во Скопје.

Ако на нивните белешки коишто укажуваат на системските проблеми се додаде и Ревизорскиот извештај за работата на Министерството за култура каде што отворено се констатира губење и ништење на бројни артефакти од самите државни институции кои треба да се грижат за нив - тогаш нема сомневање дека партиите на власт кои управуваат со овие институции, свесно го уништуваат културното наследство кое е клучен елемент во идентитетската констелација!

Очигледно е дека Министерството во континуитет ги игнорира проблемите и го изостава нивното решавање, иако ова се круцијални прашања кои задираат не само во културата, туку и во идентитетот на нацијата!
Министрите на ДПМНЕ, СДСМ и БЕСА кои управуваат со ова Министерство изминативе дваесет години, се директни виновници за состојбата во која се наоѓа културното наследство!

Левица, повикувајќи се на Ревизорскиот извештај, како и на извештајот на Европската комисија, алармира надлежните институции да постапат не само во однос на слабостите кои се укажани, туку и да утврдат одговорност за оние кои дозволуваат преку уништувањето на културата да се уништуваат круцијални сегменти на македонските идентитетски одбележја!

Политичка партија Левица 

фото:Левица 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан