• петок, 23 август 2024

Лакета: Поранешни авганистански специјалци се организатори на шверцот на илегални имигранти во БиХ

Лакета: Поранешни авганистански специјалци се организатори на шверцот на илегални имигранти во БиХ

Сараево, 22 август 2024 (МИА) -Безбедносните агенции во Босна и Херцеговина имаат информации дека помеѓу илегалните мигранти кои доаѓаат во земјата има се повеќе криминални групи составени од вооружени лица и кои се занимаваат со трговија со луѓе, предупреди директорот на Службата за работи со странци на БиХ, Жарко Лакета.

На почетокот од неделата во вооружена пресметка полицијата уби мигрант кој се забарикадирал во куќа во Невесиње во источна Херцеговина, а пред тоа им се заканувал на локалното население, пукал врз нив и фрлал рачни бомби.

Шверцот на мигранти, како што оценуваат безбедносните агенции, повторно зема замав и се одвива на територијата на БиХ, а помеѓу организаторите на овие криминални активности, најбројни се државјаните на Авганистан, Мароко и Ирак.

- Тие групи, кои сега во голема мера дејствуваат на територијата на БиХ, се составени од припадниците на специјалните единици на авганистанската армија, кои беа поразени и избегаа од Авганистан. Сега се организирани и се занимаваат со трансфер на мигранти преку БиХ, а делумно се селат и во земјите-членки на ЕУ бидејќи имаат одредени привилегии во однос на азил или супсидијарна заштита, посочи Лакета.

Полицијата и Службата за странци на БиХ вршат постојан надзор над центрите за привремено сместување на мигранти со цел прибирање информации. Во четирите такви центри во БиХ, лоцирани во околината на Сараево и на Бихаќ, моментално престојуваат нешто повеќе од 1.800 мигранти. Сите што доаѓаат таму не остануваат подолго од седум до 10 дена затоа што се обидуваат што поскоро да преминат во Хрватска и да го продолжат патувањето во земјите од ЕУ. ми/

фото: принтскрин

Остани поврзан