• понеделник, 23 декември 2024

Лавров: Политиката на САД кон Русија и Украина ќе остане непроменета под Трамп

Лавров: Политиката на САД кон Русија и Украина ќе остане непроменета под Трамп

Москва, 14 ноември 2024 (МИА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека не очекува никакви промени во политиката на САД кон Русија и Украина под претседателството на Доналд Трамп, бидејќи сите американски администрации имаат интерес за слабеење на Русија, пренесува ДПА.

- Тие се чувствуваат сигурни кога ја ослабуваат Русија и нејзиното влијание, изјави Лавров во интервју за руската државна телевизија. Тој нагласи дека САД ќе продолжат да се стремат кон контрола над ситуацијата.

- На крајот на краиштата, се што се случува може да се објасни со желбата да се елиминира Русија како ривал, рече Лавров.

Тој додаде дека Вашингтон ќе продолжи да се обидува сè да држи под контрола. Лавров ќе го претставува рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро следната недела, каде што ќе се сретне и со американски претставници.

За време на кампањата, Трамп рече дека има намера да стави крај на војната во Украина преку договор со Русија, иако не објасни како тоа ќе се направи. Путин минатата недела му честиташе на Трамп за изборната победа и изрази подготвеност за дијалог. Истовремено, тој нагласи дека Трамп е непредвидлив и додаде дека останува да се види што навистина ќе направи новата американска влада.

Сепак, Лавров се изјасни против замрзнување на конфликтот и обновување на договорите од Минск за негово решавање. Договорите постигнати со посредство на Германија и Франција во 2014 и 2015 година предвидуваа, меѓу другото, автономија на Донбас - нешто што украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна го отфрли.

Русија ја нападна Украина на 22 февруари 2022 година, според Москва, за да го спречи обидот на Киев воено да заземе делови од регионите Доњецк и Луганск контролирани од проруските сепаратисти, потсетува ДПА. ссм/

фото: архива

Остани поврзан