• сабота, 21 декември 2024

Куманово објави повик за прибирање предлог-проекти за организирање културни манифестации

Куманово објави повик за прибирање предлог-проекти за организирање културни манифестации

Куманово, 7 октомври 2024 (МИА) - Општина Куманово денеска објави јавен повик за прибирање предлог-проекти за организирање културни манифестации за наредната година, информираа денеска надлежните од општината.

На повикот може да се пријават јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат цели, задачи или регистрирана дејност од областа на културата или социјално-хуманитарна дејност. Подносителите може да достават еден или повеќе предлог-проекти. Повикот трае наредните петнаесет дена.

- Со цел унапредување и развој на културата во Општина Куманово, како и успешна реализација на програмата за културни манифестации за 2025 година, се повикуваат сите да пројават интерес на овој јавен повик, информираат од општина Куманово.

Заинтересираните треба да се регистрирани како јавна установа, здружение на граѓани, фондација и други правни лица, да придонесуваат за збогатување на културниот живот во општината, да се залагаат за зачувување и афирмирање на материјалното и духовното културно наследство на општина Куманово, да го поттикнуваат и афирмираат локалното творештво на локалните уметници, да се грижат за унапредување на соживотот меѓу заедниците и да обезбедат континуитет на традиционалните културно-уметнички манифестации кои се од локален карактер.

Барањата со потребната документација треба да се достават во писмена форма до општинската архива со назнака „До Општина Куманово, одделение за култура и спорт, за јавен повик од областа на културата“. ам/цр


Фото: МИА

 

Остани поврзан