Кривични пријави за косовската министерка за образование поради пропусти на почетокот на школската година
- Двете најголеми косовски опозициски партии, Демократската партија на Косово (ПДК) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) најавија денеска кривични пријави против министерката за образование, Арберие Нагавци, поради, како што наведуваат, нејзините големи пропусти кои го попречуваат нормалниот почеток на новата учебна година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 4 септември 2023 (МИА) – Двете најголеми косовски опозициски партии, Демократската партија на Косово (ПДК) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) најавија денеска кривични пријави против министерката за образование, Арберие Нагавци, поради, како што наведуваат, нејзините големи пропусти кои го попречуваат нормалниот почеток на новата учебна година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Кривично гонење против министерката Нагавци, на одделни прес-конференции во косовското Собрание, најавија шефовите на пратеничките групи на двете партии, Абељард Тахири (ПДК) и Арбен Гаши (ЛДК), откако денеска беше одложена собраниската дебата за процесот со снабдување на основците со учебници за новата учебна година.
Вонредната седница на законодавниот дом, свикана на барање на опозицијата, беше одложена откако пратениците на владејачката Движење самоопределување (ЛВВ) не се појавија во собраниската сала, со што не беше обезбеден кворум за отворање расправа и евентуално носење одлуки во врска со дејствијата на Министерството за образование.
Шефот на пратениците на ПДК, Тахири ја обвини Нагавци дека со одлуката Министерството да не ги набавува учебниците, туку да ги субвеницонира родителите кои самите ќе ги купат истите за своите деца основци, лишила 210 илјади ученици од опремувањето со потребните книги и воедно не ја исполнила својата законска обврска.
Според Тахири, ЛВВ, на чие чело е премиерот Албин Курти, мораше да биде присутна на сеанцата на која се расправа за прашањето на учебниците, а по ваквото нејзино однесување „од сега натаму навистина нема ниедна единствена причина оваа легислатура да продолжи со работа“.
- Го деградираат Косово на секој можен план. Последниот удар е овој што го нанесуваат на образованието. И денеска тие не се засрамени од нас зашто не дојдоа на сеансата, тие се засрамени од родителите, од учениците, од граѓаните на Република Косово, рече Тахири.
ПДК ги повикува и родителите да поднесат приватни кривични пријави против министерката Нагавци, заради лишувањето на нивните деца од учебници.
И за другата опозициска партија, ЛДК, одлуката за субвенционирање на родителите за купување учебници е незаконска, поради што шефот на пратеничката група на таа партија, Арбен Гаши исто така најави кривична пријава за Нагавци.
Според Гаши, Владата на Курти е неспособна да ја менаџира ситуацијата со учебниците, со што им предизивика „непоправливи економски и емоционални штети на родителите“.
- Тие (пратениците на ЛВВ) постапија неинституционално, онемозвожувајќи му на Собранието да види каде се проблемите со учебниците и кои се преземените и непреземените дејствија на Владата. Оваа влада го прекршува Законот за учебници и Законот за предуниверзитетско образование. Тоа е многу тешко прекршување и поради тоа најверојатно ќе се соочи со кривичен прогон министерката за образование, рече Гаши.
Кривични пријави против министерката Нагавци најавија и неколку издавачки куќи, поради нејзината изјава дека ниту еден понудувач не ги исполнил условите на тендерот на Министерството за набавка на учебници. иа/