Костадинов: Загадувањето во Струмица е намалено за 50 отсто, инспекциските надзори даваaт резултат
- Од 3 до 19 февруари просечната загаденост на воздухот во Струмица е намалена за 50 отсто во просек или преку пример: ако минатата година просекот на ПМ 10 честички во воздухот се движел околу 100 ПМ 10 честички на метар кубен, во првите две недели од февруари оваа година просекот се движи околу 50 ПМ 10 честички, соопшти на денешната прес - конференција градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Струмица, 20 февруари 2025 (МИА) - Од 3 до 19 февруари просечната загаденост на воздухот во Струмица е намалена за 50 отсто во просек или преку пример: ако минатата година просекот на ПМ 10 честички во воздухот се движел околу 100 ПМ 10 честички на метар кубен, во првите две недели од февруари оваа година просекот се движи околу 50 ПМ 10 честички, соопшти на денешната прес - конференција градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Според него, Струмица е првата општина која има успех во борбата со аерозагадувањето преку имплементацијата на повеќе административни и технички решенија кои за кратко време дале резултат.
-Овие резултати кои планираме да се подобруваат во идниот период, се резултат на добро смислената и спроведена акција на општина Струмица што доаѓа како резултат на моето ветување дека ќе направиме се што е во наша надлежност, рече Костадинов.
Тој информираше дека од 3 до 19 февруари се спроведени 46 инспекциски надзори на територијата на Општина Струмица, на локации кои се пријавени како потенцијални загадувачи на амбиенталниот воздух.
-Подготвени се 14 решенија за правни лица со рок за отстранување на утврдени неправилности меѓу кои и поставување на филтри, контрола на испуштање на загадувачки материи и 10 решенија за изработка на елаборати за животна средина. Изречени се казни од 9.000 евра за три правни субјекти и по 500 евра казна за одговорните лица во правните субјекти врз основа на член 37 став 4, казниво по член 130 став 1 од Закон за управување со отпадот, посочи струмичкиот градоначалник.
Додаде дека девет лица се казнети со прекршочни платни налози во висина од 250 евра за согорување на отпад на отворено согласно законот, а за 5 физички лица се издадени писмени опомени.
На денешната прес - конференција Костадинов истакна дека освен инспекциските надзори, Општина Струмица активно работи и на спроведување на активни мерки за намалување на аерозагадувањето во градот, а како најсериозна мерка е и набавката на десетте електрични автобуси со кои директно се влијае врз намалувањето на сообраќајот во Општината, а со тоа и на количината на испуштање на издувни гасови. Тој ги посочи и подобрувањето на секуднарната гасоводна мрежа и изградбата на велосипедската патека.
Струмичкиот градоначалник информираше дека било разговарано за барањата на екологистите од „Здрава котлина“ кои се однесуваат на одредени законски измени и со пратеникот Борче Цветков и со пратеничката група на СДСМ ќе се организира состанок со претставници на „Здрава Котлина“ за да ги разгледаат можностите за одредени законски измени или доколку има потреба и предлог на нов закон којшто ќе даде директен резултат во справувањето со аерозагадувањето
На крајот тој ја праша централната власт дали презема нешто против аерозагадувањето и дали воопшто има план нешто да преземе, зашто, како што истакна, Струмица е заеднички дом на сите граѓани, заеднички двор, заедничка гордост и затоа нема да дозволи некој тоа да го промени или да го одземе и да не се дозволи Струмица повторно да биде лош пример. рт/дма/
Фото: МИА