• сабота, 23 ноември 2024

Косовската опозиција потврди дека го примила нацрт-статутот на Заедницата на српски општини

Косовската опозиција потврди дека го примила нацрт-статутот на Заедницата на српски општини

 

Приштина, 1 декември 2023 (МИА) – Парламентарните опозициски партии на косовските Албанци, Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК), денеска потврдија дека од Европската унија го примиле новиот нацрт за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, изготвен од експерти на ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од ПДК и од ЛДК во кратки изјави за медиумите потврдија дека од Канцеларијата на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, официјално примиле нацрт на англиски јазик.

- Демократската партија на Косово вчера доби копија од нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство од Канцеларијата на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, изјави портпаролот на ПДК, Фатон Абдула.

Истата изјава ја даде и портпаролката на ЛДК, Сибел Халими.

- Вчера и официјално го примивме (нацрт-статутот), кратко изјави Халими.

Портпаролот на ААК, Куштрим Џемаили рече дека коментарите од оваа партија ќе бидат објавени по дискусијата во партиските органи.

- ААК ја прими официјалната верзија на нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство. Истиот е дистрибуиран до сите членови на Претседателството на партијата, од кои е побарано да дадат свој коментар во врска со нацрт-статутот и за истиот ќе се расправа на следниот состанок на Претседателството, свикан на 7 декември во 17 часот. По коментарите на членовите на претседателството, ААК ќе излезе со јавен став во врска со нацрт-статутот на Здружението. Дотогаш нема да има други соопштенија на оваа тема, рече Џемаили.

Премиерот Албин Курти претходно изјави дека нацртот за Здружението го претставил само на претседателката на државата, Вјоса Османи, бидејќи посредниците побарале целосна дискреција на процесот.

Опозицијата во Парламентот го критикуваше Курти дека не го претставил нацртот, велејќи дека не можат да разговараат за нешто што не го виделе.

Османи и Курти за овој нацрт рекоа дека посредниците од ЕУ го напишале водејќи грижа за словото на Уставот на Косово.

Петмина западни емисари, предводени од Лајчак и специјалниот пратеник на американскиот претседател Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар, во Приштина и во Белград, на 21 октомври, го претставија нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство, за кој рекоа дека е модерен европски модел.иа/сд/

Остани поврзан