• петок, 08 ноември 2024

Косовската опозиција за извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово

Косовската опозиција за извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово

Приштина, 30 октомври 2024 (МИА) – Претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемљи Красниќи, денеска го оцени овогодишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Косово како најлош извештај досега.

Според него, во извештајот се говори за влошување на состојбата во неколку клучни области, пренесе Бета.

- Главните пораки што доаѓаат од извештајот се јасни и алармантни, Косово останува под санкции, Косово е лошо управувано, Косово губи напредок во човековите права и слободи, слободата на изразување и медиумите, како и во областа на правдата, напиша Красниќи на Фејсбук.

Тој оцени дека трите основни столба на една демократска држава – владеење, правда и основни слободи – се во состојба на стагнација или длабоко назадување.

Тој нагласи дека за овие неуспеси директно е одговорна актуелната Влада на Косово, за што, како што истакна, ДПК континуирано укажува во последните четири години.

Красниќи ја обвини владата дека овие неуспеси не се само резултат на недостигот на компетентност, туку дека претставуваат намерни дејствија за одржување на власт и ги нарече „саботажа на развојот и интеграцијата на Косово“.

- Извештајот (на ЕК за Косово) треба да биде повик за будење за сите граѓани, рече тој.

Тој потсети дека се ближи 9 февруари, кога во Косово ќе се одржат парламентарни избори, а со тоа, како што оцени, и крајот на оваа влада.

- Граѓаните заслужуваат подобро и повеќе. Тие заслужуваат одговорна влада која ќе го врати Косово во вистинската насока. Нема друга алтернатива, рече лидерот на опозициската ДПК. јт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан