Конференција за вино: Немаме визија каде одиме, не може во 21. век да го продаваме тоа што сме го продавале во 80-тите години
- -Се уште немаме пристап и волја за промена во винскиот сектор, ниту постои визија каде одиме или што треба да смениме, владее популизам и се се сведува на желбата да се добијат поени на политичката сцена. Продолживме по стариот пат, конзервативно, а велат „ако не ги почувствуваш промените и останеш да го чекаш автобусот, а линијата е сменета, нема да добиеш ништо“, оцени Јаневски.
Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) - Во винската индустрија денес не може да се импровизира. Да, имаме плодна земја, сонце и вакво грозје никаде не се раѓа, но за квалитетен производ се потребни многу знаење и работа. Не може во 21. век да го продаваме тоа што сме го продавале во 80-тите години. Мора да имплементираме стандарди и да креираме бренд со кој ќе одиме на светскиот пазар, порачаа учесниците на денешната регионална конференција за вино што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Според нив, се уште немаме пристап и волја за промена во винскиот сектор, ниту постои визија каде одиме или што треба да смениме, владее популизам и се се сведува, како што беше нагласено, на желбата да се добијат поени на политичката сцена.
-Најголем дел од работата треба да ја завршиме сами. Науката мора да ја каже вистината во однос на стандардите со кои можеме да одиме на светскиот пазар. Импровизациите се минато, не можеме денес да импровизираме и во 21 век да продаваме она што сме го продавале во 80-тите години. Да, имаме квалитетна земја, сонце и вакво грозје не се раѓа никаде, но треба многу работа. Мора да се работи, а потребно е и многу знаење. Денес винската индустрија без знаење не може да помине, ниту во однос на менаџирањето со лозјата, ниту од аспект на менаџирањето со технологиите, нагласи претседателот на „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Тој оцени дека тешко настануваат промени додека не се увериме сами во тоа што го правиме.
-Продолживме по стариот пат, конзервативно, а велат „ако не ги почувствуваш промените и останеш да го чекаш автобусот, а линијата е променета, нема да добиеш ништо“. Се уште немаме пристап и визија за тоа како да се промениме и каде треба да одиме. Иако здружението е направено за да се обединиме и да ја подигнеме Македоинија на ниво на винска земја, се уште немаме единство и пристап за тоа да го направиме. Пристапот секогаш се прави од внатрешниот дел - индивидуалните производители, но и од поддршката од надвор - владините институции. Бидејќи кај нас владее популизмот, „да добијам на политичката сцена“, се уште немаме пристап и волја за промена. За нас, од винскиот сектор, реформите и промените во основа значат менување од корен. „Тиквеш“ работеше на тоа, да ги промени работите од корен, а тоа значи копачење на лозјата што не вредат или не даваат квалитетни приноси, да го промени менаџментот во лозарството, да постигне стандарди и да внесе знаење за да добие производ што ќе биде прифатен на пазарот без импровизации. Дваесет и две години преговаравме со лозарите како да ги промениме. Пред околу 2,5 години успеавме да добиеме група лозари кои одлучија да работат по стандирдите, а кога добија таков производ, дојдоа да кажат „ова ни мојот дедо не го направи“, рече Јаневски.
Регионалниот советник за земјоделство од Амбасада на Федерална Република Германија во земјава, Франк Мулер, укажа дека е неопходен дијалог со регионалните производители, зајакнување на соработката во сите земји од Западне Балкан, спроведување маркетинг кампањи и воведување соодветни земјоделски политики.
Осврнувајќи се на состојбата во светски рамки, професорот Јон Ханф од Гајзенхајм Универзитетот во Германија рече дека Кина засега бележи најголем равзој во однос на лозовите насади и оваа земја денес никако не е мал играч. Франција, пак, како што истакна, размислува за намалување на квантитетот на пазарот.
-До 2007 година бележиме зголемување на винскиот пазар, но тогаш беше банкарската криза која доведе до промени. Промени имаше и поради корона вирусот, војните, финансиските кризи. Терминот „конкурентен“ е повеќе од точен, но ќе мора веќе да зборуваме за „високо конкурентнен“ пазар каде ќе мора да носите јасни одлуки ако сакате да бидете позиционирани. Пораката е дека треба да барате пазари кои одговараат на вашите производи, а треба да се земе предвид и структурниот вишок на винската сцена, нагласи професорот.
За најновите движења во интра-регионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан, зборуваше извршната директорка на „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ. Таа ја истакна неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло, како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.
Една од пораките на експертите беше и важноста од заеднички настап на компаниите. Ваквиот пристап, како што подвлекоа, може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Освен идентификувањето на различните аспекти на глобалниот пазар, целта на денешната конфренција „Вински пазари: Актуелни предизвици и можности“ беше и поттикнување на идејата за создавање географски ознаки за производство на вино во Северна Македонија. мч/са/
фото: МИА