„Комунална хигиена“ - Скопје отстрани 10.617 кубни метри отпад од диви депонии во 2023 година
- Екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје, во текот на 2023 година, подигнаа и транспортираа вкупно 159.196 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот. Притоа, направени се вкупно 26.139 тури. Во текот на минатата година, претпријатието отстрани вкупно 10.617 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на целокупната територија на градот Скопје, соопштија утрово од ова претпријатие.
Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје, во текот на 2023 година, подигнаа и транспортираа вкупно 159.196 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот. Притоа, направени се вкупно 26.139 тури. Во текот на минатата година, претпријатието отстрани вкупно 10.617 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на целокупната територија на градот Скопје, соопштија утрово од ова претпријатие.
- Во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од ова подрачје, собирањето и транспортот на комуналниот отпад од речиси 5.000 надземни, подземни и полуподземни контејнери се реализираше седумпати во неделата, во три смени, додека приближно 85.000 канти, наменети за одлагање на комуналниот отпад од индивидуалните домаќинства, се празнеа двапати во неделата, според однапред утврден распоред по блокови, наведуваат од претпријатието.
Во соопштението се додава дека екипите на претпријатието континуирано ја одржувале и хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини, што се во надлежност на градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење.
- Се спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини - улицата „Македонија“, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје, како и Старата скопска чаршија, информираат од претпријатието.
Од ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје посочуваат дека реализирале еко-предавања, акции и работилници во триесет основни и средни училишта во сите скопски општини, како и во петнаесет предучилишни установи, со цел подигнување на свеста кај младите за правилното постапување со отпадот и значењето на примарната селекција. бд/дма/
Фото: ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје