• недела, 21 јули 2024

Комората на проценувачи ќе поднесе амандмани за предложениот Закон за вештачење

Комората на проценувачи ќе поднесе амандмани за предложениот Закон за вештачење

Скопје, 2 април 2023 (МИА) – Комората на проценувачи најави дека ќе поднесе амандмани за предложениот Закон за вештачење, бидејќи, според нив, со неговите одредби се врши упад во постоечкиот Закон за процена, вмешување на државен орган во дејноста процена и мешање на ингеренциите и надлежностите на Комората на проценувачи со надлежности што му се даваат на Бирото со предложениот Закон за вештачење.

На денешната прес-конференција, Валентина Младеновска, претседателка на Комората, истакна дека нивното барање е со единствена цел да биде спречена намерата да се озакони мешањето на државата во областа на процената преку орган на државната управа - Биро за процена, на кое му се даваат надлежности со кои му се гарантира монополската положба во однос на лиценцираните - овластени проценувачи.

- Се преименува Бирото за судски вештачења во Биро за процена, значи, Бирото не се укинува. Се овозможува преименуваното Биро за процена да изготвува проценки за јавни претпријатија, трговски друштва, фондови, физички и правни лица и други субјекти, додека, согласно Законот за процена, Бирото може да изготвува проценки само за потребите на државни органи. Му се овозможува на преименуваното Биро да учествува во обуки на проценувачите, додека, согласно Законот за процена, Комората е надлежна за спроведување на почетни и континуирани обуки и се дозволува преименуваното Биро да ангажира надворешни проценувачи што ќе доведе до избегнување на ревизорските постапки, појасни Младеновска.

Во образложението на Предлогот е наведено дека донесувањето на ваков закон произлегува од потребата за реформа на судството Стратегија за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017-2022 година, со акциски план како услов за членство во ЕУ.

- Во Акцискиот план е утврдено: „Укинато Биро за судско вештачење како орган во состав на Министерството за правда од декември 2019 година и воспоставување функционален систем за судско вештачење“. Односно државата преземала обврска да го укине Бирото за судски вештачења до декември 2019 година, посочи таа, дополнувајќи дека во предложениот закон, како што рече „не се укинува, туку се преиуменува постоечкото Биро за судски вештачења во Биро за процена, вели Младеновска.

Според Комората, наведената потреба за реформа на судството нема поврзаност со дејноста процена и областите во кои се врши процена.

 - Со предложениот закон се зголемува правната несигурност, се преклопуваат надлежности што во пракса ќе доведе до сериозни последици и хаос во областа на процена што ќе ги трпиме сите ние граѓаните, стопанството, банките, општините, во сите постапки каде што се вршат процени, рече Младеновска. 

Таа информираше дека амандманите ќе ги поднесат утре, а доколку не наидат на разбирање и прифаќање од пратениците, своето право, како што рече, ќе ги бранат преку Уставен суд. ар/са/

Фото:МИА

Остани поврзан