Комисијата за заразни болести утре треба да ја појасни одлуката за забрана за прием на деца во градинките
- Од состанокот на Комисијата за заразни болести утре треба да биде појасно за родителите и за вработените во градинките во Скопје дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер важи за тие што не се вакцинирани или и за тие што не ја примиле ревакцината.
Скопје, 13 март 2024 (МИА)- Од состанокот на Комисијата за заразни болести утре треба да биде појасно за родителите и за вработените во градинките во Скопје дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер важи за тие што не се вакцинирани или и за тие што не ја примиле ревакцината.
Поради забуната во јавноста и различното толкување на „целосно неимунизирани“ не е јасно дали се работи за вакцина, која се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст, или ја опфаќа и ревакцината, која според календарот за имунизација треба да се прими на 18-месечна возраст односно една година по последната од трите дози на вакцината.
Од понеделникот, кога поради прогласената епидемија на голема кашлица (пертусис) во Скопје стапи во сила забраната за прием на целосно невакцинирани деца, родители се соочуваат со проблем да ги остават своите деца во градинка иако ја примиле вакцината, но не и ревакцината. Некои ги носат децата на предвремена ревакцинација, во некои пунктови одбиваат да ги ревакцинираат пред возраста утврдена со календарот. Има случаи и кога од здравствени или од други причини детето не може да ја прими ревакцината на една и пол година и таа е одложена за подоцна.
Министерот за здравство Илир Демири денеска на прес-конференција рече дека за вакцинирано се смета детето што ги примило трите дози од вакцината и очекува дека Комисијата по утрешниот состанок ќе го прецизира толкувањето на одлуката. Нагласи дека најважно е јавноста да биде сензибилизирана за важноста од вакцинацијата бидејќи, рече, во Скопје е подигнато портокалово знаме на опасност.
-Вакцина подразбира ако детето има примено три дози и се смета за вакцинирано, а некомплетно вакцинирано е ако примило втора и не примило трета доза. Дали е ревакцинирано тоа е друго прашање... Се спроведува во вториот, четвртиот и шестиот месец и ако е завршена вакцинацијата значи тука се работи за пациент кој е вакциниран... тогаш не гледам зошто да биде попречен да присуствува. Потоа следува ревакцинација на 18 месеци и на седумгодишна возраст. Значи, забраната треба да важи за пациенти кои не се вакцинирани. Но, фокусот треба да биде кон сензибилизација зашто сега сме пред епидемија што може да порасне, рече Демири.
Додаде дека на утрешниот состанок надлежната Комисија ќе даде коментар на донесената одлука кој, рече, ќе го почитуваат сите граѓани и тој како министер.
-Овие формалности на толкување на забраната ќе се решат утре по состанокот на Комисијата. Ова првпат се случува и затоа сакам да бидам концизен и да не излегуваме со различни ставови. Ќе има унифициран официјален став како треба да се постапува, рече министерот Демири кој не смета дека е направен хаос во градинките, туку поголем хаос е, рече, ако децата не се вакцинираат. хс/нд/
Фото: МИА