• петок, 21 февруари 2025

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања донесе заклучок за надзорната расправа за аерозагадувањето, ќе го достави до Гаши

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања донесе заклучок за надзорната расправа за аерозагадувањето, ќе го достави до Гаши

Скопје, 17 февруари 2025 (МИА) - Особено важен за спроведување надзорна расправа е членот 215 став 1 од Деловникот според кој, претседателот на матичното тело кој ја спроведува надзорната расправа задолжително се консултира со членовите или замениците на матичното тело при избор на овластени претставници. Правото за консултации со член или заменик член не е преносливо. Особено важно за спроведување надзорна расправа е дека при примена на членот 214 став 5 се почитува членот 62 став 5, односно при примена на членот 214 став 5 не се суспендира членот 62 став 5. Ова е заклучокот што вечерва го донесе Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања по расправата за начинот на кој надзорната расправа за аерозагадувањето е ставена на дневен ред на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Заклучокот во форма на мислење ќе биде доставено до претседателот на Собранието.

Горан Мисовски од НСДП и Јован Митрески од СДСМ во текот на расправата беа децидни дека Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не може да му даде надлежност на претседателот на Собранието да одлучи на која комисија ќе се одржи надзорната расправа. Како што објаснија, одржувањето на надзорната расправа за аерозагадувањето во рамки на Постојаната анкетна комисија е регуларно свикано зашто согласно Деловникот, ако надзорна расправа побараат повеќе од 15 пратеници, тогаш тие избираат во која комисија ќе се одржи расправата, а претседателот на Собранието, доколку нема никакви забелешки, само го проследува нивното барање до претседателот на таа комисија. На ова реагираше Бобан Карапејовски од ЗНАМ кој праша дали тоа значи дека во ваков случај претседателот на Собранието е сведен на обичен чиновник, архивар или „скретничар“ зашто само посредува, проследувајќи го барањето на пратениците до претседателот на соодветната комисија во која тие бараат да се одржи надзорната расправа. Митрески му објасни дека според Деловникот,  претседателот на Собранието треба да го врати барањето до пратениците ако констатира дека не е уредно, не е комплетно или не е во ред. Но, конкретно, во овој случај, како што рече, за надзорната расправа за аерозагадувањето, Гаши веќе го препратил барањето до Постојаната анкетна комисија и надзорната расправа треба да се одржи. Во спротивно, напомена, ќе биде направен преседан.

Според владејачкото мнозинство, надзорната расправа за загадноста на воздухот треба да се одвива во матично тело - Комисијата за здравство или Комисијата за екологија, а не во Постојаната анкетна комисија. Подносителите, пак, на барањето за надзорната расправа се повикуваат на Деловникот и оценуваат дека ваквиот став на мнозинството е обид за саботажа и задушување на расправата. 

Откако мислењето на Комисијата беше усвоено, процедурално за збор се јави пратеникот Бојан Стојановски кој рече дека надзорна расправа за загадувањето на воздухот ќе има, но, „организирана според Деловникот“. Тој информира дека мнозинството веќе поднело барање за надзорна расправа до спикерот кој треба да одреди матично тело каде што расправата ќе се одржи. Дополни и дека на барањето се потпишани 61 пратеник. На расправата, според него, ќе присуствуват и премиерот и министрите и секој што пратениците ќе побараат. Тоа ќе биде можност, оцени, да се продискутираат и спротивстават сите аргументи. 

-Моето процедурално јавување е на членот 1 од Деловникот. Повеќе часови слушавме различни диксуи, а донекаде и театар. Сите дискусии беа во насока да има надзорна расправа која е неопходна и ќе има, но ќе има надзорна расправа која ќе даде одговори, а не која ќе креира политика. Нема да има надзорна расправа која би значела „гума за спасување“ на нечија политичка кариера или за некој да се спасува од одговорност, рече Стојановски, нагласувајќи дека од расправата ќе произлезе одговорност за сите што изминатиот период не сториле ништо за спречување на аерозагадувањето.

Според календарот на активностите на собраниските тела, надзорна расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ е ставена на дневен ред на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на 25 февруари. мч/сст/

фото: принт скрин

Остани поврзан