Митева: Контролите ќе бидат етапни и долгорочни, надлежните институции континуирано ќе работат
- Контролите на објектите од безбедносен аспект ќе бидат етапни и долгорочни, најави портпаролката на Владата Марија Митева. Одговарајќи на новинарско прашање за инспекциите за тоа како се проектирани и градени објектите во однос на почитување на безбедносните мерки, таа посочи на информација од Министерството за транспорт дека фокусот ќе биде на „системско решавање на овие проблеми“.

Скопје, 23 март 2025 (МИА) - Контролите на објектите од безбедносен аспект ќе бидат етапни и долгорочни, најави портпаролката на Владата Марија Митева. Одговарајќи на новинарско прашање за инспекциите за тоа како се проектирани и градени објектите во однос на почитување на безбедносните мерки, таа посочи на информација од Министерството за транспорт дека фокусот ќе биде на „системско решавање на овие проблеми“.
-Во овој момент се скенираат ваквите состојби во делот на активна законска лиценца која е поседувана или непоседувана. За сите натамошни детали ќе се продолжи со етапна контрола на се она што е нерегуларно согласно законот и верувам дека и овој дел ќе биде опфатен од страна на надлежните институции, но тоа ќе бидат фази и етапи на кои долгорочно ќе работиме. Ова нема да биде една фаза на која сега ќе заврши контролата и веднаш ќе престанат инспекциите. Како што можевме да видиме, во моментот на добивање на лиценцата, конкретно во Министерството за транспорт, условите се исполнувани, но веднаш потоа е изигруван законот. Така што, ова е континуирана работа на којашто надлежните институции континуирано ќе работат, рече Митева.
Прашана за контролите на лиценците за вршење дејност и техничките услови на угостителските објекти, портпаролката одговори дека дежурни инспекциски тимови викендов биле фокусирани повеќе на тоа дали се почитува одлуката на Владата за деновите на жалост.
-Во текот на вчерашната ноќ немало утврдени никакви злоупотреби или непочитување на оваа одлука на Владата за денови на жалост. Веќе од утре овие тимови почнуваат со нов координативен состанок за да ги преземат сите идни чекори и каде ќе ја насочат контролата и веќе утре ќе бидат презентирани информации во јавноста, посочи Митева.
Во однос на најавената интерна истрага во МВР најавена од министерот Панче Тошковски за интервенирањето и однесувањето на полицијата ноќта на трагичниот настан во Кочани, портпаролката одговори дека надлежното министерство ќе одговори на сите прашања и оти интерната истрага е дел од сеопфатната истрага за пожарот.
-На сите легитимно поставени прашања во јавноста, независно дали се појавуваат на социјални медиуми, од граѓани или институции, владата ќе одговори односно надлежното министерство, во овој случај МВР. Кога ќе се завршат сите анализи и целата процедура, јас сум сигурна дека надлежните институции ќе дадат одговори, рече Митева одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата. хс/цр
Фото: Влада на РСМ