• петок, 08 ноември 2024

Ковачевски: Ќе анализираме како ќе се регулира користењето на социјалните мрежи во училиштата

Ковачевски: Ќе анализираме како ќе се регулира користењето на социјалните мрежи во училиштата

Штип, 11 мај 2023 (МИА) - Училиште од Пехчево не дозволува телефони за време на настава. Ова како пракса совршено функционира со години, но се популаризираше деновиве, кога јавноста се разбранува со бројни закани на социјалните мрежи од страна на ученици, по трагедијата која се случи во Србија. Прашањето дали носењето телефони ќе се регулира и во останатите училишта на територија на државата денеска беше упатено од новинарите до премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на стартот на новата инвестиција во ТИР зоната. Ковачевски посочи дека наставниот процес го организира Министерството за образование и наука, но пред сите е период на бројни анализи за мерки кои евентуално би се презеле.

-На пример јас сум професор и кај мене на предавања многу често се случува да не може да се користи мобилен телефон и студентите честопати ги оставаат мобилните телефони настрана додека траат предавањата. Што се однесува до регулацијата на користење комуникациска опрема и на апликации за време на настава или паузи во настава, тоа е предмет којшто во моментов предизвикува голем број на коментари, на анализи, не само кај нас, туку и во регионот и во светот. Затоа пред нас и пред другите држави претстои период на анализи и подготовка на регулативи, вели Ковачевски.

Посочи дека пред 12 години во САД, како дел од комуникациската индустрија, бил вклучен во дискусијата дека иако социјалните мрежи се добар ресурс за промоција, сепак се користат за објавување содржини кои некогаш и не соодвестуваат на моралните и етичките стандарди кои сакаме да ги имаме во општеството. Токму затоа, вели тој, дошол денот кога тешко ќе се врши контрола врз социјалните мрежи.

-Пред 12 години, на еден разговор со врвни академици и практичари, кога сите беа среќни и задоволни што постојат социјални мрежи на коишто ќе може да се промовираат ставови, уште тогаш почнаа да се појавуваат коментари дека ќе дојде ден, а, еве, денот е дојден, кога ваков тип мрежи тешко ќе бидат контролирани од соодветните органи, додава Ковачевски.

 Сепак, начинот на регулирање на користењето социјални мрежи дополнително ќе се увидува и утврдува, како предизвик кој стои пред сите земји од регионов, рече Ковачевски. вдј/фф/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан