• сабота, 23 ноември 2024

Северна Македонија да се оценува исклучиво според резултатот, без нови пречки и политички барања

Северна Македонија да се оценува исклучиво според резултатот, без нови пречки и политички барања

Виена, 21 април 2023 (МИА) - Ќе дадеме се од себе да ги спроведеме сите реформи и сите чекори за  европската иднина на земјата, но во Европската унија нѝ е потребна силна поддршка, како и во европските институции и во Европскиот парламент, со цел да не се дозволат нови околности во форма на нови политички барања. Единствените фактори, според кои треба да се оценува Северна Македонија се резултатите и завршените постапки за скрининг процесот и стандардите.  

Ова го истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски, кој во рамките на својата работна посета на Австрија, имаше предавање на Дипломатската академија во Виена Австрија, каде говореше на конференцијата на тема „Почеток на пристапни преговори со Северна Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“.-Јас се заложив пред моите граѓани, пред македонскиот Парламент и пред цела Европска унија дека ние нашата домашна задача ќе ја завршиме. Цврсто веруваме во европската иднина за Северна Македонија и целосно сме посветени на исполнувањето на оваа стратешка цел. Меѓутоа, таа домашна задача мора соодветно да се верификува и потврди од Европската унија, рече Ковачевски.

Тој подвлече дека долгиот пат треба да има извесен крај само врз основа на она што било постигнато. Ништо повеќе, ништо помалку. 

-Многу македонски генерации пораснаа чекајќи го датумот кога ќе станат дел на Европската Унија, со надеж дека ќе живеат во своја земја со европски вредности, истакна премиерот Ковачевски, во своето предавање, додавајќи дека е време за резултати, да нема други пречки, додавки, кочења, политички барања или нови условувања.
 
Премиерот, за време на предавањето, упати порака и до колегите социјалдемократи и социјалисти во рамките на мрежата на европските социјалисти, со кои, како што рече „делиме исти вредности“.-Сакам уште еднаш, јавно да ве замолам да продолжите со поддршката за мојата земја на патот кон ЕУ. Во рамките на  македонското Собрание потребен ни е глас од Европа. Ќе дадеме се од себе да ги спроведеме сите реформи и сите чекори за  европската иднина на земјата, порача премиерот Ковачевски, во своето предавање на Дипломатската академија во Виена, Австрија. ам/вг/
 
 
 

Остани поврзан