• сабота, 23 ноември 2024

 Муцунски пред Унгарската дипломатска академија: Нашиот пристапен пат ја штити политиката на проширување на ЕУ, заснована на вредности и заслуги

 Муцунски пред Унгарската дипломатска академија: Нашиот пристапен пат ја штити политиката на проширување на ЕУ, заснована на вредности и заслуги

Скопје, 9 септември 2024 (МИА) - Во рамките на работната посета на Будимпешта, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати пред студентите и дипломатите од Унгарската дипломатска академија. Во своето обраќање, како што информираат од МНР, Муцунски се осврнал на долготрајниот и посветен процес за пристапување на нашата држава кон ЕУ, при што посебно ја истакнал непрекинатата повеќедецениска посветеност кон процесот, но и бројните и големи отстапки кои македонското општество ги има направено на тој пат.

Свесни за областите во кои постои потреба од дополнителна работа и подобрување на состојбите, министерот Муцунски потенцирал дека и на нашата страна и е крајно потребна предвидливост во процесот.

-Нашиот пристапен пат во суштина ја штити политиката на проширување на ЕУ, заснована на вредности и заслуги, со оглед дека ризикот од злоупотреба на нашиот случај од страна на анти-ЕУ факторите е голем, нагласи Муцунски на темата поврзана со евроинтеграциите на земјата.

Муцунски, се вели во соопштението, ја подвлекол и суштинската важност на добрите билатерални односи помеѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи и се заблагодари за досегашната поддршка на политички, економски и мултилатерален план.

-Иако односите се континуирано пријателски, во следниот период очекувам нова динамика како резултат на заложбата на двата премиери за воспоставување стратешка релација помеѓу двете земји, истакна тој во обраќањето.

Министерот Муцунски им посака успех во кариерите на присутните дипломати, со оглед на тежината на професијата која ја имаат.

По обраќањето, како што информираат од МНР, следела сесија на прашања и одговори во чии рамки се говорело на теми како нелегалната миграција и безбедноста на границите, регионалната енергетска безбедност, очекувањата за идните чекори и ризици во придвижувањето кон ЕУ, како и размена на мислења за актуелните состојби во Унијата. аа/

Фото: МНР

Остани поврзан