• понеделник, 23 декември 2024

Италијанскиот министер за надворешни работи Тајани утре во официјална посета на земјава

Италијанскиот министер за надворешни работи Тајани утре во официјална посета на земјава

Скопје, 9 септември 2024 (МИА) — Италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, утре ќе биде во официјална посета на Република Северна Македонија.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираше дека домаќин на Тајани ќе биде Муцунски, со кој се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји и продлабочување на економската соработка, регионалната и мултилатерална соработка, заедничкиот придонес кон мирот, како и иднината на процесот на проширување на Европската Унија и поддршката од Италијанската Република за нашата земја.

Како што информираат од Амбасадата на Италија во Скопје, се очекува Тајани да оствари средби со претседателката на земјава Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, како и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

– Северна Македонија е клучен партнер во обезбедувањето просперитетна иднина и стабилност за целиот регион на Западен Балкан. Работиме на надминување на секоја пречка на патот на Скопје за пристапување кон Европската Унија. Има многу голем потенцијал за дополнително зајакнување на нашите билатерални односи почнувајќи од соработката во стратешките и секторите со висока додадена вредност, вели Тајани пред посетата на Скопје.

Средбата на Тајани со државниот врв, додаваат, е потврда на континуираната посветеност на Италија за развој, стабилност и стремежот за европската интеграција на регионот на Западен Балкан.

– Западен Балкан е приоритет на нашата надворешна политика на која посветуваме постојано внимание, исто така и на мултилатерално ниво, претседавајќи со групата „Пријатели на Западниот Балкан“, со која повторно ќе се сретнам во Њујорк за неколку дена, вели Тајани. ра/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан