• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: Ова е година на одлуки - за европски напредок или изолација, трето нема

Ковачевски: Ова е година на одлуки - за европски напредок или изолација, трето нема

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) - Членството во Европската Унија не е, и не може да биде предизборно ветување кое никогаш нема да се реализира. Ние си зададовме задача тоа да го реализираме до 2030 година. Годинава која започна е година на одлуки - одлука за европски напредок, или изолација. Трето нема, порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“ во Скопје.

Според Ковачевски, веќе направивме големи инвестиции во иднината на нашата земја и сега воопшто не ни е потребна партиска и политичка поделеност, надмудрувања, лажни ветувања.

-За нашата држава е многу важно што благодарение на исправните и посветени политики ја вративме демократијата, го вративме дијалогот, дебатата. Во државата веќе подолг период не се шепоти како порано, туку гласно се говори. И за кратко време успеавме да го надоместиме времето на изгубените можности, и да доведеме година на европски можности, рече Ковачевски. 

Денеска, порача Ковачевски, сите имаме одговорност и обврска да направиме кратко потсетување каде бевме скоро и најважно од се, да се договориме како и колку брзо ќе одиме таму каде што нашите граѓани сакаат да се движиме – таму каде е семејството на модерни и одржливи држави.

-Изминативе скоро три години, ниту најголемите песимисти не можеа да замислат со какви предизвици ќе се соочи Северна Македонија и нашите граѓани, наметнати од глобалните здравствени, безбедносни и економски случувања. И во такви тешки времиња не отстапивме од спроведување на нашите политики засновани на европските вредности и не се откажавме од исполнување на нашите стратешки цели. Со цврста убеденост, работа и посветеност неповратно ја зацврстивме и обезбедивме европската перспектива на Северна Македонија, поставувајќи на најдобар начин единство на сите најважни работи на една држава и граѓани: почит кон минатото, подобра сегашност и извесна и просперитетна иднина, изјави Ковачевски.

Изминатава година, како и претходните шест, Ковачевски нагласи дека сите препознаа политика на соработка, партнерство и желба за решенија во политиките на Владата, и Северна Македонија, меѓународно ја позициониравме и ја донесовме пред вратите на ЕУ, бидејќи за сите нас друга алтернатива не постои.

-Единствено како земја членка на ЕУ, ќе имаме уште поконкурентна, иновативна и отворена економија, економија на човечки капитал, економија на можности и економија на раст и развој. Затоа повторувам, бидејќи искрено верувам дека македонските граѓани се за Европската Унија, а ние во овие години покажавме и докажавме дека постапуваме и ја почитуваме волјата на нашите граѓани, изјави Ковачевски.

За нашите граѓани, животот во ЕУ, според Ковачевски, не значи карта во еден правец,  не значи иселеничка виза, туку тоа е гаранција  за подобар стандард, за повисоко платени работни места, за европски, модерни, современи и западни вредности, но, тука, дома во нашата држава.

-Затоа Владата која ја предводам изминативе години ја обезбеди политичката стабилност, ја зачува социјалната кохезија, обезбеди економска стабилност и раст и во време на најголема криза, изјави Ковачевски.

Во изминатите години ги исполниме ветувањата, рече Ковачевски, посочувајќи дека просечната плата е над 630 евра, минималната плата во 2022 беше 18.000 денари, а со следното усогласување ќе биде 22.500 денари, просечната пензија денеска изнесува 20 100 денари, а минималната 13 200 денари, што е за 50 проценти повеќе од 2016 година, за првпат имаме невработеност под 13 проценти, бројот на вработени во ТИРЗ надмина 18 илјади, а просечната плата над 60 илјади денари.

- На прагот сме да обезбедиме едноцифрена стапка на невработеност, додека во само една година имаме зголемена стапка на вработеност од 10 илјади лица во државата. Сето ова е доказ дека кога носите сигурни одлуки, тоа ќе донесе придобивки за сите граѓани, порача Ковачевски.

Со антикризните мерки, посочи Ковачевски, успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и со тоа да ги заштитиме работните места. 

- Прво со 760 милиони евра и сега последно со 662 милиони евра помогнавме на ученици, студенти, млади, пензионери, ранливи категории на граѓани, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании. Над 2 милијарди евра само во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите, никогаш досега немало толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството, нагласи Ковачевски. 

Во 2023 година, продолжи Ковачевски, обезбедивме историски најголем буџет за земјоделците. 

- Новата ИПАРД 3 програма е зголемена за 62 проценти. Сега во ИПАРД 3 имаме програма којашто први ја започнавме од сите земји кориснички и имаме 97 милиони евра неповратни европски средства наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство, рече Ковачевски.

Toj нагласи дека државата, се справила успешно и со енергетската криза и истата ја претвориле во можност. 

- Прво со ставањето во функција на сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата, го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ обезбеди 100 отсто струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Виталните дејности во државата беа обезбедени. Успеавме да го зголемиме вкупното производство на струја за 45 отсто. Од јануари 2022 до денес имаме издадено над 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија. Тоа е повеќе од вкупниот капацтитет на цел РЕК Битола што произведува електрична енергија. Исто така на тој начин,  ја вративме евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот  со што домаќинствата заштедуваат и до 1.000 денари месечно, рече Ковачевски.

Како Влада, нагласи Ковачевски, направивме и стратешки исчекори во однос на капиталните инвестиции во патната инфраструктура. 

-Коридорите 8 и 10д се убедливо најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја. Ќе придонесат за побрз развој на економијата, за модернизација на патната инфраструктура и подобро поврзување со нашите соседи, но и со меѓународните коридори. Изминативе 5 години, вложивме преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Северна Македонија наместо обиколница, станува вистинска раскрсница на Балканот, рече Ковачевски.

Како Влада, подвлече Ковачевски, направивме големи стратешки чекори и нашата држава напредува и ќе продолжи понатаму со одржлив развој, но ќе биде поуспешна и посигурна како членка на ЕУ. 

- Со интеграција во ЕУ, платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти, а воедно од нашите странски партнери и инвеститорите ќе добиеме дополнителна доверба, што ќе рефлектира со драстично поголем број на инвестиции во државата. Ако Европската Унија сега има удел од околу 65% од вкупниот број на странски инвестиции, може да претпоставиме колку таа поддршка ќе биде поголема за земја членка на ЕУ, рече Ковачевски.

Токму оваа 2024 година, според Ковачевски, е клучна година за забрзување на реформите и забрзана интеграција на заедничкиот европски пазар пред целосното членство во ЕУ. 

- Немаме право да стоиме во место, уште помалку да се враќаме назад. Немаме право да дозволиме кочничарите да бидат погласни од прогресивните. Немаме право да дозволиме личните да бидат над државните интереси. Немаме право да ги повторуваме грешките на претходниците. И имаме многу право, имаме најмногу обврска да бидеме оптимисти. Да имаме и покажеме внатрешна самодоверба. Да имаме и да покажеме капацитет, знаење, работа, фокус и енергија. Да имаме и да покажеме држава. Бидејќи сето тоа го имаме, и треба конечно да се избориме за граѓаните, за државата, за европска Македонија, за држава која сите ја сакааат и во која сакаат да живеат, изјави Ковачевски. 

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, на отворањето порача дека од изборите на 11 декември 2016 година и формирањето на владата во јуни 2017 година, ова прогресивно заедништво, се соочувало со многу предизвици.

- Многу предизвици, кои што имаат само едно заедничко име, само еден единствен фактор на потикнување и само еден центар на инспирација, а тоа е Русија. Ако се сеќавате за време на нередите во Собранието имаше еден од руските служби заедно со колега од нашето соседство, кои што ги поттикнуваа тие што протеститраат да влезат и да ги линчуваат пратениците, новоизбраниот претседател на Собранието, мандатарот за нова влада и сите пратеници во прес-центарот, изјави Груби. 

Безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата, според Груби, имаат само едно име - Русија и нивната воена агресија врз Украина.

- Дали има руско влијание во нашите верски заедници? Одговорот пронајдете си ги сами. Дали има руско влијание во нашите медиуми? Одговорот, пак си го знаете сами. Дали има руско влијание во невладините организации во нашето општество? И сите знаете дека има руски експоненти и елементи кои што прават се што е можно и во нивна моќ да ги нарушат прогресивното парламентарно мнозинство и коалиција која што сака да ја види оваа држава членка на НАТО и ЕУ и во вековно пријателство во Америка. Затоа се обидуваме да го изградиме европскиот фронт на заедништво, на прогресивни сили во државата, изјави Груби.

На повеќе панел сесии на конференцијата, како што е најавено, ќе се дискутира и ќе се направи пресек на владините политики и мерки преземени во 2023 година, со фокус на евроинтеграциите како клучен процес за 2024 година. ра/аа/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан