• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски: Не само градоначалникот на Струга, туку оставки треба да поднесат и сите советници што ги поддржувале неговите одлуки

Ковачевски: Не само градоначалникот на Струга, туку оставки треба да поднесат и сите советници што ги поддржувале неговите одлуки

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) – Институциите да ги проверат наодите по сите основи, зошто Рамиз Мерко се нашол на црната листа на Соединетите Американски Држави. Несфатливо како истражители од САД имале информации за нешто што се случило тука, а немале задолжените институции кај нас, изјави премиерот Димитар Ковачевски на седница за пратенички прашања одговарајќи му на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој праша дали премиерот ќе побара оставка од градоначалникот на Струга.  

Ковачевски рече дека секој избран функционер треба да работи по законите и во интерес на граѓаните и повтори дека тој да бил на црна листа на САД - не само што би поднел оставка, туку тоа би било најголем неуспех во неговата лична и професионална кариера. Смета дека оставка треба да поднесат и советниците во Општината доколку не работеле во интерес на граѓаните и ги поддржувале неговите одлуки и дека најдолг период на функцијата Мерко бил во време на коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ.

-Доколку ги погледнете основите по кои е донесена одлуката од Стејт департментот за ставање на црната листа, во текот на извршувањето на функцијата бил во коалиција со сите политички партии, вклучително и со вашата во најдолг период од неговата кариера, тогаш мојата порака би била - доколку не работеле во интерес на граѓаните, за што треба да потврдат институциите,  не само градоначалникот на Струга, туку и сите советници од сите советнички групи кои поддржувале одлуки во текот на сиот изминат период сите заедно треба да си дадат оставка, рече премиерот.

Незадоволен од одговорот, Стојановски рече дека Ковачевски нема храброст да побара оставка од Мерко во страв, како што рече, дека тие (ДУИ) ќе ја напуштат коалицијата и ќе треба да оди на избори.

Откако од говорницата Стојановски го нарече премиерот„циркусант“, настана расправија меѓу нив во собраниската сала, по што пратеникот на опозициската партија рече дека нема да му се извини на Ковачевски затоа што „не можел да најде посоодветен збор за неговите постапки“.

Стојановски го праша и министерот за правда Кренар Лога, порано вработен во Општина Струга, зошто сѐ уште не е постапено по шест предмети против Рамиз Мерко и дали тоа се „европските вредности“ поради кои неговата партија (Алијанса за Албанците) влегла во Владата.

Лога одговори дека го чека извештајот од Судскиот совет од контрола што ќе се изврши во Основниот суд во Струга. Посочи дека во времето кога ВМРО-ДПМНЕ биле на власт, од тогашниот градоначалник Зијадин Села најмалку 20 предмети биле поднесени во обвинителството во Струга и до МВР.

-Во 2013-2017, кога јас бев секретар на Општината, централна власт беше ВМРО-ДПМНЕ, државниот обвинител беше избран од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш каде беше ВМРО-ДПМНЕ?  Можам да заклучам дека вие го имате заштитено бидејќи четири години немавте постапено. Во тоа време јас лично и до Гордана Јанкулоска имам пуштено писма за наводи за постоење криминал. Жал ми е што денеска прстот го вперувате кон мене, изјави Лога. хс/аа/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан