• понеделник, 04 ноември 2024

Кинеските власти бараат од наставниците да ги вратат пасошите

Кинеските власти бараат од наставниците да ги вратат пасошите

Пекинг, 7 октомври 2024 (МИА) - Кинеските власти бараат голем број наставници и други работници во јавниот сектор да ги вратат пасошите, пишува „Фајненшл тајмс“.

Кампањата за собирање пасоши, која се спроведува како дел од проектот „Управување со лични патувања во странство“, им овозможува на претставниците на локалната самоуправа да контролираат и следат кој, колку често и каде може да патува во странство.

Ова се случува во време кога кинескиот претседател Си Џинпинг го зголемува влијанието на државата врз секојдневниот живот.

Известувањата од образовните институции во повеќе градови покажуваат дека ограничувањата за патување се значително проширени од минатата година и ги опфаќаат вработените во училиштата, универзитетите, локалните самоуправи и државните агенции.

„На сите наставници и вработени во јавниот сектор им е кажано да ги предадат своите пасоши“, рече наставник во основно училиште во провинцијата Сечуан.

„Ако сакаме да патуваме во странство, мора да аплицираме во градската канцеларија за образование и мислам дека нема да биде одобрено“, рече наставничка, која побара да остане анонимна.

Наставниците во провинциите Хубеи и Анхуи рекоа дека исто така им било кажано да ги предадат своите патни документи. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан