• недела, 28 јули 2024

Кикиљас: Речиси 12 милијарди евра приход од туризмот во 2021 година

Кикиљас: Речиси 12 милијарди евра приход од туризмот во 2021 година
Атина, 12 ноември 2021 (МИА) - Речиси двојно повисок од првичните предвидувања ќе биде приходот од туризмот во Грција во 2021 година и ќе достигне до речиси 12 милијарди евра, откри министерот за туризам, Василис Кикиљас говорејќи во интервјуто за радиото „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина. - Пресметката што ја имаше направено Министерството за финансии за приходите од туризмот во 2021 година првично беше во висина од пет до шест милијарди евра. Кога се уште имаме значителен туристички производ во земјата и одиме кон приходи од туризмот близу 12 милијарди евра, тогаш е јасно дека грчкиот туризам значително придонесува за развојот на земјата во 2021 година, како и за нови, поквалитетни работни места, секако заедно со инвестициските напори, но и со зајакнувањето на инфраструктурата и мрежите во нашата тешка индустрија, објасни Кикиљас. За очекувањата за следната година, рече дека врз основа на договорите со големите авиокомпании и тур-оператори од светот, предвидувањата се многу силни во споредба со 2019 година. Како пример спомена дека резервациите во октомври годинава за следното лето се 30 отсто повеќе во споредба со периодот пред пандемијата, односно во октомври 2018 година за летото 2019 година. Додаде дека интензивно се работи и на промоција на зимскиот туризам, а се подготвуваат кампањи за „city break“ во Атина, Солун и другите градови. - Целта е, Грција да стане 12-месечна дестинација и работиме напорно да го постигнеме тоа, истакна министерот за туризам на Грција. ср/ми/

Остани поврзан