• петок, 26 јули 2024

Кампања „Патуваме безбедно“ во Делчево

Кампања „Патуваме безбедно“ во Делчево

Делчево, 25 јули 2024 (МИА) – Во Делчево започнаа активностите предвидени за реализација во новата кампања на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево насловена „Патуваме безбедно“.

Кампањата опфаќа самоиницијативни бесплатни технички прегледи пред патување, промоција за користење на единствениот број за итни случаи 112, едукации за одговорно учество во сообраќајот и обезбедување на информативен пункт за безбедност во сообраќајот на Граничниот премин „Делчево“.

- Летниот период е период кога има зголемување на патувањата за време на летните одмори, а кампањата има за цел да ги потсети учесниците во сообраќајот за одговорното учество во сообраќајот при патувањата (важноста на техничката исправност на возилата, употребата на сигурносни појаси во возилата, опасноста од употребата на мобилните телефони додека се управува со возилото, предности за користење на јавниот број 112 итн.), информираа од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Меѓу главните цели на кампањата како што додадоа оттаму е и едукацијата на одредени групи учесници во сообраќајот што би придонело кон подигнување на јавната свест за безбедно учество во сообраќајот.

- Од голема важност за населението е важноста на прописното паркирање и проодноста на пристапни патеки и улици, возачите на транзитните ТТВ, деца и млади за безбедна употреба на ел.тротинети и мопеди и едукација на лица постари од 65 години за безбедно учество во сообраќајот), додадоа од ОСБСП Делчево.

Организатор и координатор на кампањата се Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево, а соработници се: сообраќајната полиција, граничната полиција, инспекторот за превенција при Полициската станица од општа надлежност Делчево, Регионалниот центар за управување со кризи Делчево, ЈКП Брегалница Делчево, станиците за вршење на технички преглед на возила во Делчево, како и други заинтересирани лица.

Можноста за бесплатна проверка на своето возило, граѓаните можат да ја искористат во двете станици за вршење на технички преглед на возила за времетраење на кампањата „Патуваме безбедно“, односно до 31 август оваа година. вс/ир

Фото: Општина Делчево

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан