• среда, 27 ноември 2024

Во подрачје на строга заштита на Национален парк Шар Планина затекнати моторџии, покрената постапка

Во подрачје на строга заштита на Национален парк Шар Планина затекнати моторџии, покрената постапка

Тетово, 26 јули 2024 (МИА) - Од Јавната установа Национален парк Шар Планина информираат дека во вторникот 23 јули, на простор на кој е забрането движење на моторни возила во зоната на строга заштита под врвот Љуботен, нивните вработените затекнале возачи на пет крос мотори и едно АТВ возило, кои потоа во соработка со полицијата биле спроведени во полициската станица и покрената соодветка постапка.

Од НП Шар Планина, потсетуваат согласно Законот за заштита на природата забрането е движење со моторни возила во природата освен во населени места и на сите видови патишта, уредени патеки и полигони за возење, заради спречување на деградација на природата.

-Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата  на територијата на Национален парк Шар Планина нема определени површини на кои се вршат тест-возења, крос, спортски возења и слично. Забраната за движење на сите видови патишта, уредени патеки и полигони за возење во заштитените подрачја се уредува со одлука за режим на движење која ја донесуваат субјектите задолжени за управување со заштитеното подрачје, велат во денешното соопштение од НП Шар Планина.

За движењето со моторни возила на територија на НП Шар Планина е воспоставен режим на движење со цел да им овозможи мир на дивите животни, заштита на природата и ресурсите во приватна сопственост како и уживање на љубителите на природата.

-Патиштата на кои е воспоставен режим на движење се претставени на карта, која е подготвена во согласност со Планот за управување со Националниот парк и Законот за заштита на природата https://www.sarmountain.org.mk/mk/karta-mapa/karta-patista. Локалните жители ќе можат непречено да се движат со моторно возило кон својот имот или бачило, иако се наоѓа на пат на кој е забрането движење на моторни возила, откако претходно ќе обезбедат одобрување од Ј.У.Н.П Шар Планина, информираат од установата.

Според Законот за заштита на природата, предвидени се прекршочни санкции за правните и за физичките лица кои организираат движење со моторни возила или се движат со моторни возила во природата, освен во населени места и сите видови патишта, уредени патеки и полигони за возење. ас/сст/


фото ЈП НП Шар Планина 

Остани поврзан