• сабота, 23 ноември 2024

Казнени налози за петмина кумановци за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија

Казнени налози за петмина кумановци за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија
Скопје, 1 април 2020 (МИА) - Основното јавно обвинителство Куманово поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица за сторено кривично дело - непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, според Кривичниот законик. Како што информира Јавното обвинителство, првиот обвинет на 19 март пристигнал од Хрватска, земја со среден ризик за ширење на заразната болест КОВИД-19. При влез во државата потпишал изјава дека ќе спроведе самоизолација во период од 14 дена во неговиот дом, согласно мерките и препораките за спречување на ширењето на болеста.  Но, при извршена контрола од страна на полициски службеници, обвинетиот не бил затекнат во неговиот дом. Во соопштението се наведува и дека три лица се обвинети за непостапување според здравствените прописи, откако не ја почитувале одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на земјава. -Обвинетите на 24 март, околу 22:15 часот заедно отишле во дом на друго лице од Куманово со кого имале претходни несогласувања. Обвинетите почнале вербална расправија, а потоа и физичка пресметка. Поради нарушување на јавниот ред и мир, биле повикани полициски службеници, кои го констатирале извршеното кривично дело од страна на обвинетите, соопшти кумановското обвинителство. Заради непостапување согласно забраната за движење на населението на земјава, од Обвинителството во Куманово информираат дека во период од 21 до 5 часот, поднеле Предлог за издавање казнен налог за уште едно лице. Обвинетиот се движел пеш низ градот, со што не постапил според мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширење или сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот. За стореното кривично дело, Обвинителството на Основниот суд во Куманово му предложил на секој од обвинетите да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глови, секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска противвредност.​ бт/дма/

Остани поврзан