• вторник, 24 декември 2024

Истражување на МОФ: 30 проценти од студентите биле жртви на дискриминација

Истражување на МОФ: 30 проценти од студентите биле жртви на дискриминација
Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) - Триесет проценти од студентите на универзитетите во земјава биле жртви на дискриминација, покажува Истражувањето „Вовед во студентската дискриминација“ што го спроведе Младинскиот образовен форум (МОФ). Како најчеста причина за дискриминација студентите го навеле натпросечното знаење и оценките. Најдискриминирани се студентите кои се изјасниле како геј во истражувањето, односно 43,5 посто. Податоците покажуваат дека студентите од женски пол сметаат дека почесто се дискриминирани на универзитетите во однос на оние од машки пол. На денешната презентација на клучните наоди од истражувањето, беше посочено дека е алармантно тоа што само 7,6 отсто знаат дека на факултетите има постапка за пријавување на дискриминација. На прашањето колку се задоволни од климата на универзитетот и факултетот просечната оценка е 3,11, што покажува дека студентите се над просекот задоволни од климата на универзитетите и факултетите. Препораките кои произлегоа од истражувањето се во насока на Измена и дополнување на Законот за високо образование, подготовка и усвојување интерни акти за спречување и заштита од дискриминација при универзитетите во чие воспоставување студентите ќе имаат значајно учество, спроведување годишни анонимни анкети за дискриминација од страна на посебните тела за спречување и заштита од дискриминација. Во однос на социјалната дистанца, студентите сакаат да бидат вклечени во интеракција со луѓе. Според истражувањето може да се забележи дека социјалната дистанца е најмала на УКИМ и УКЛО, а најголема на ДУТ. Студентите генерално се чувствуваат многу безбедно во академската средина, односно средината ја чувствуваат како прилично безбедна. Но, студентите со попречености се чувствуваат понебезбедно. Истражувањето на МОФ е спроведено во рамки на проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ кој е овозможен со финансиска поддршка на Фондација Отворено општество. мс/сп/

Остани поврзан