Иранскиот претседател Пезешкијан повика на помирување со светот
- Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој важи за умерен политичар, изјави дека на неговата земја и треба промена на политичкиот курс и намалување на тензиите со надворешниот свет.
Техеран, 26 декември 2024 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој важи за умерен политичар, изјави дека на неговата земја и треба промена на политичкиот курс и намалување на тензиите со надворешниот свет.
„За да ги спречиме непотребните проблеми, не треба постојано да се караме со светот“, рече Пезешкијан, а пренесува агенцијата ДПА, цитирајќи ја иранската државна новинска агенција.
Во говорот во градот Бојнурд на истокот на Иран, тој рече дека е неопходен и нов политички курс поради националниот интерес и дека воениот план треба да се ограничи исклучиво на зачувување на територијалниот интегритет за да се избегнат конфликти.
Како што јавуваат агенциите, поводот за неговиот говор е тешката политичко-економска состојба во која се наоѓа земјата. Риалот, националната валута во таа земја богата со нафта, секојдневно ја губи вредноста и паѓа на рекордно ниски вредности.
Инфлацијата, како и енергетската криза, која во текот на студените зимски месеци веќе доведе до прекин на електричната енергија, не ги погоди само домаќинствата, туку и јавните институции како болниците, училиштата и важните фабрики.
Критичарите на режимот единствениот излез го гледаат во промена на курсот кон традиционалните непријатели САД и Израел, но и кон Европа. рп/
Фото: МИА архива